Бошковски си замина од клупата на Пролет

Андон Бошковски од денеска повеќе не е тренер на Пролет откако скопскиот суперлигаш ја прекина соработката со овој искусен стручњак. Одлуката следи по слабиот настап и поразот на домашен терен од Металург, со кој беше продолжена серијата слаби игри на Пролет во текот на овој месец.

Бошковски пристигна на клупата на Пролет во текот на летово, наследувајќи го Зоран Кастратовиќ, кој го водеше тимот до третото место минатата сезона. Амбициите на клубот беа тимот повторно да се бори за излез во ракометна Европа, но откако по последните порази се соочи со опасност за влез во плејофот, управата на клубот реши да му се заблагодари на поранешниот стратег на Вардар, Еурофарм Работник, КЛ7, Радовиш…

„Ракометниот клуб Тинекс Пролет ја информира јавноста дека спогодбено ја прекинува соработката со шефот на стручниот штаб на првата екипа, Андон Бошковски. Причина за ваквиот потег е серијата слаби игри што кулминираше со трите порази во низа во Супер-лигата. На последниот состанок одржан во текот на денешниот ден заеднички со тренерот одлучивме дека најдобро за клубот е да ја прекинеме соработката. Тинекс Пролет му се заблагодарува на Бошковски за сработеното во изминатиот период и му посакува многу среќа во идните ангажмани“, објави скопскиот суперлигаш на својата официјална веб-страница.

Се вчитува...