Бошковски: Супер-лигата ќе биде многу интересна, одлично е што Вардар и Пелистер се тука од стартот

Андон Бошковски е подготвен за своето суперлигашко деби на клупата на Пролет, на стартот од новата сезона презакажан за недела поради големата трагедија во Тетово. Бошковски минатата сезона ја почна како кормилар на проектот Голден Арт КЛ7, давајќи значаен придонес во развојот на младите ракометари. Тој на почетокот од 2021 година си замина од скопскиот клуб и се пресели во Радовиш, каде со серија одлични резултати го извлече овој тим од работ на амбисот и обезбеди опстанок во елитното друштво.

Летово тој имаше добри резултати во подготвителниот период, а потоа и го предводеше Пролет до огромна победа на еден од двата натпревари против Гранолјерс во квалификациите за Лигата на Европа.

„Двомечот со Гранолјерс е нешто од што ќе извлечеме поука. Првиот натпревар го загубивме преубедливо, мислам дека никој не може да те победи 15 гола разлика ако самиот себе не се победиш. Го преценивме противникот, а потоа кога ќе влезеш во дупка уште повеќе тонеш. Самите си бевме виновни, направивме премногу грешки што тим како Гранолјерс знаеше како да ги искористи и казни. Не сменивме премногу во тие 24 часа, едноставно укажавме на грешките и кога се вративме на терен за вториот натпревар, ги избистривме главите и делувавме посамоуверено во сопствените квалитети“, го анализира Бошковски двомечот со шпанскиот состав.

Сега на ред е почетокот на сезоната, во која желба на сите во клубот е да биде одбрането она трето место освоено во минатиот шампионат.

„Имавме проблеми со изолација на десет ракометари по враќањето од Шпанија, што го поремети ритамот на тренинзи, но оптимист сум дека ќе успееме да го надминеме и тоа и експресно да се вратиме во посакуваниот ритам. Пред нас е првенство за кое не велам дека е најквалитетно во последните десетина години, но според мене сигурно ќе биде најинтересно. Задоволен сум од начинот на кој работеа играчите во целиот подготвителен период и мислам дека спремни го дочекуваме стартот“, истакнува Андон Бошковски.

Според него, присуството на Вардар и Еурофарм Пелистер е нешто што може да донесе само плус за лигата и за сите останати клубови.

„За клубовите како што се Пролет, Бутел, Охрид и сите останати присуството на големи екипи како Вардар и Еурофарм Пелистер сигурно е голем плус. Што се однесува до овие два тима, не би можел да коментирам бидејќи сигурно ќе имаат позгуснат распоред. Јас отсекогаш сум велел дека домашното првенство е основа на се, бидејќи преку него се освојуваат местата за Европа и излегуваш онаму каде што треба и каде што многу играчи треба да ја покажат вредноста и да напредуваат во кариерите. Поради сето ова, Вардар и Еурофарм треба да бидат дел од мак-ракометот од самиот почеток на сезоната, како што е тоа случај од оваа година. Моментно разликата меѓу Вардар и Еурофарм во однос на останатите клубови е слична како во претходните години. Но, самото присуство на Вардар и на Пелистер во елитата ќе го кренат нивото, тимови како Тинекс Пролет, Охрид, Бутел и останатите ќе имаат можност со правилна работа уште повеќе да напредуваат и да го намалуваат заостанувањето зад главните фаворити. Тоа воопшто не значи дека ќе им биде лесно, бидејќи сите ние ќе имаме дополнителен мотив секогаш кога ќе играме против Вардар и против Еурофарм Пелистер“, го искажува нашиот тренер мислењето на оваа тема“, вели стратегот на Тинекс Пролет.

Целокупното прво коло од Супер-лигата беше одложено за три дена поради големата трагедија во Тетово. Токму затоа, Пролет првиот меч од новата сезона го игра в недела во 19 часот против градскиот ривал Металург.

„Ако се гледа минатото, нормално дека Металург е клуб со бројни успеси. Сега се наоѓаат во незавидна состојба, но сепак го задржаа квалитетот, имаат играчи со големо искуство, играчи кои можат да го променат текот на натпреварот и да стигнат до победа. Имаат тренер кој долги години беше врвен играч… Ова ќе биде натпревар на кој ќе одлучи подобрата подготовка и индивидуалниот квалитет, за кој верувам дека ќе биде на наша страна, за победнички да ја стартуваме новата сезона“, оптимистички е расположен Бошковски.

Се вчитува...