Бостон без Ајзеа Томас до крајот на плејофот

Тимот на Бостон селтикс веќе губи со 0-2 од Кливленд во финалето од Источната конференција, а шансите за камбек во серијата се сведени на теорија по повредата што ја заработи најдобриот кошаркар на селтикси, Ајзеа Томас. Одличниот плејмејкер веќе извесно време настапуваше повреден (од 15 март и дуелот со Минесота), но откако состојбата му се влоши стручниот штаб реши повеќе да не ризикува, за да не дојде до далеку посериозен проблем.

Ајзеа работеше фантастично за да ги надмине проблемите, но факт е дека му е неопходен одмор. За време на последните две средби со Кливленд дојде до значително зголемување на отокот, a бидејќи станува збор за проблем со колкот, не сакавме да дојде до поголемо долгорочно оштетување и препорачавме Томас да ги пропушти преостанатите средби од плејофот“ – изјави Брајан Мекион, шеф на лекарскиот тим на Бостон селтикс.

Томас воопшто не отпатувал со остатокот од тимот на вечерашното гостување во Кливленд, па јасно е дека екипата предводена од Леброн Џејмс е уште поблизу до пласман во големото финале од НБА-лигата.

Се вчитува...