Кошаркарите на Бостон селтикс ги оставија зад себе двата разочарувачки порази на домашен терен, па со победата на гостински терен во Чикаго се вратија во серијата од првата рунда од плејофот во Источната конференција. Селтиски пред се со цврста одбрана во речиси целиот натпревар ги неутрализираа „бековите“, користејќи го отсуството на повредениот Рондо и на крајот заслужено триумфирајќи со 87-104. Победата беше најавена со одличната прва четвртина што Бостон ја доби со 15-33. Чикаго успеа да се врати, добивајќи го вториот период со 26-11, но гостите од Бостон заиграа одлично во второто полувреме, на крајот триумфирајќи со конечни 17 поени разлика.
Ал Хорфорд со 18 поени беше прв стрелец на селтикси, додека Томас и Краудер постигнаа по 16 поени. Двејн Вејд постигна 18 поени за Чикаго, а Џими Батлер беше стрелец на 14 поени за Чикаго, но со очаен шут од поле 7/21.
Од пласманот во следната рунда од плејофот не се откажува ниту Оклахома сити, откако оваа екипа по голема битка славеше над Хјустон со 115-113, намалувајќи го водството на противникот на 2-1 во победи. Расел Вестбрук оствари нов трипл-дабл реализирајќи 32 поени, 13 скока и 11 асистенции, додека Џејмс Харден беше најефикасен кај Хјустон со 44 поени, но овој кошаркар ја промаши клучната тројка во финишот со која можеше да им донесе триумф на „ракетите“.
Голема битка се водеше и во Солт лејк сити, каде Јута беше поразена на домашен терен од ЛА клиперс со 106-111. Гордон Хејвордд постигна рекорди за него во кариерата 40 поени, но и тоа не беше доволно за Јута да слави. Клиперси во своите редови го имаа расположениот Крис Пол, кој реализираше 34 поени. Клучна беше серијата од 15-0 во последната четвртина со која гостите од Лос Анџелес го свртеа резултатот во своја полза и на две минути до крајот поведоа со 103-96, осигурувајќи си ја победата и враќањето на предноста на домашниот терен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА