По возбудливите 24 натпревари со кои беше најавена неизвесна и интересна сезона, 5. коло од Првата лига започнува денеска со „братскиот дуел“ во Аеродром каде МЗТ Скопје 2 ќе го пречека МЗТ Скопје од 18 часот.
Избраниците на Дарко Радуловиќ во овој меч влегуваат со цел да ја продолжат серијата од три победи во низа, додека „штркчињата“ на Перо Блажевски ќе бараат изненадување против „постариот брат“ за втората победа во првенството.
„За мене лично дуелот со шампионот претставува огромен предизвик. Освен што се работи за најдобрата екипа во Македонија, тоа е екипа која игра одлична и модерна кошарка. Имаат одлични домашни и странски играчи со големо и богато кошаркарско искуство, и сето ова набројано со кое располагаат ќе биде една вистинска проверка за мене индивидуално, но и за целата наша млада екипа. Се надеваме дека ќе одиграме добар натпревар, како во нападот така и во одбраната, и свесни сме дека ќе ни биде потребна голема пожртвуваност која нема да изостане”, вели Лука Петровски.
„Мислам дека нашиот помлад тим е еден одличен и вистински натпреварувачки тим. Секојдневно работат доста напорно и играат на навистина многу високо ниво. Гладни се за кошарка и победи, имаат доста добри играчи. Очекувам еден меч со високо натпреварувачко ниво и интензитет. Возбуден сум, и едвај чекам да почне натпреварот“, изјави Хуан Дејвис.
Возбудувањата продолжуваат во сабота со три натпревари. Првиот од нив ќе биде одигран од 17 часот и 30 минути во салата „26ти Април“ во Гевгелија каде Кожув ќе ја бара првата победа во сезоната против незгодниот новалија Феникс 2010. Избраниците на Денис Дервишевиќ докажаа дека нема да бидат лесен плен оваа сезона, а во дуелот со „црвено-белите“ влегуваат на крилјата на неверојатната победа над Ангели.
Избраниците на Павле Николов и на овој натпревар ја имаат фаворизираната улога, но Кожув на почетокот на сезоната не ветува. „Црвено-белите“ по четири одиграни кола имаат и четири порази па победата ќе биде императив за враќање на посакуваната цел, изборување на место во Суперлигата.
Половина час подоцна, од 18:00 во СРЦ „Кале“ се среќаваат Работнички и ТФТ. Дуелите на „црвено-белите“ и „црно-белите“ претходната сезона носеа големи возбудувањата, а нашиот најтрофеен клуб успеа да победи во четири од петте дуели.
Овој пат фаворитската улога му припаѓа на тимот од Тафталиџе кој по четири кола не знае за пораз, за разлика од Работнички кој на овој меч влегува по убедливиот пораз од Гостивар на гостински терен. Воведните натпревари во сезоната дадоа една слика за „црвено-белите“, но на избраниците на Тони Симиќ допрва им претстојат тешките натпревари против фаворизираните екипи на кои ќе биде интересно да го видиме одговорот на младиот состав.
Богатиот прволигашки саботен ден ќе биде комплетиран со натпреварот помеѓу Ангели и Гостивар во Кисела Вода од 18 часот и 30 минути. Новалијата во првенството против фаворитот влегува по поразот од Феникс 2010, натпревар во кој избраниците на Горан Ѓорѓиевски испиштија сигурна победа па ќе биде интересно да видиме како ќе се рехабилирита скопскиот состав.
За разлика од нив Гостивар по поразот на самиот старт на сезоната бележи три победи во низа и на овој дуел влегува со цел продолжување на победничката низа. На овој дуел ќе биде интересно да видиме дали Ангели ќе најдат решение за одличниот Ијасу Ворку кој во претходните натпревар се наметна како лидер на „сино-белите“.
Најинтересниот натпревар од колото ќе биде одигран во недела со почеток од 19 часот и 30 минути во Кавадарци каде на Еуро Никел му гостува Пелистер. Вицешампионот кој ја започна сезоната со триумф, во следните три натпревари претрпе порази па ќе биде интересно да видиме каков ќе биде одговорот против „перфектниот“ Пелистер кој по четири дуели забележа четири победи.
Петото коло ќе биде комплетирано во понеделник со натпреварот помеѓу Куманово и Академија ФМП од 19 часот. Овие два тима веќе одиграа еден натпревар оваа сезона во БИБЛ лигата, а во него „академиците“ заминаа со победа во домот на „сино-белите“. Дали ќе биде повторно така, останува да видиме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА