Браво девојки: Кошаркарките на гостински терен славеа над БиХ

Кошаркарската репрезентација на Македонија приреди огромно изненадување славејќи со 66-68 на гостувањето против БиХ, прв триумф на нашиот национален тим во рамките од квалификациите за Евробаскет. Секоја чест на селекторот Ашаданов и на сите кошаркарки, а успехот е уште поголем ако се знае дека Македонија настапи без натурализирана кошаркарка во составот, со само десет девојки во ростерот. Меѓу нив, една од најмладите, Милица Николиќ, ги постигна клучните поени во самиот финиш од мечот.

Нашите кошаркарки од самиот почеток јасно ставија до знаење дека се максимално мотивирани, решени на теренот на противникот да покажат дека неоправдано важеа за големи аутсајдери во пресрет на овој меч. Митрашиновиќ беше во главна улога од самиот почеток, во кој Македонија набрзина успеа да се одлепи и да поведе со 4-13. Цврстата одбрана беше наш заштитен знак во првото полувреме, во кое домашните кошаркарки беа целосно исфрлени од ритам, не можејќи да врзат неколку успешни напади во серија. „Црвено-жолтите“ умешно ја контролираа играта во првото полувреме, но БиХ пред паузата успеа да се врати и да намали на 26-30.

Домашните во раната фаза од третата четвртина успеаја и да израмнат на 33-33, но македонските кошаркарки набрзо ја консолидираа својата игра. По тројката на БиХ за кратко водство на домашните кошаркарки од 40-38 следеше вистински одговор – тројка на Нена Трајчевска, веднаш потоа и поени под фаул на Митрашиновиќ, па Македонија во последните десет минути влезе со предност од 43-49. Нашите кошаркарки продолжија со максимално мотивирана игра со која целосно ги изненадија босанските репрезентативки. Трајчевска погоди уште една тројка, прецизна беше и Стојановска, па на помалку од седум минути до крајот Македонија имаше „плус седум“ (51-58).

Селекторот Ашаданов побара тајмаут при наше водство од 56-60 на пет минути до крајот. Во најлош момент дојде до криза во нашата игра, домаќинките имаа и мала предност од судиите и набрзина намалија на 59-60. Очигледен беше и заморот со оглед на фактот дека мечот го игравме со лимитиран ростер, па БиХ преку Американката Хант стигна и до водство од 61-60. Во клучните моменти и арбитрите имаа неколку одлуки во корист на домашната селекција, но Македонија преку Митрашиновиќ успеа да израмни на 64-64 на 90 секунди до крајот. На триесет секунди до крајот резултатот гласеше 66-66 и Македонија имаше напад, одговорноста ја презеде младата Милица Николиќ, која во клучните моменти ги постигна своите први поени на мечот, за водство на нашиот национален тим од 66-68. Босанките промашија, по што следеа две промашени слободни фрлања на Митрашиновиќ. Среќата ги следи храбрите, па така БиХ ја загуби топката при последниот напад, а Македонија стигна до презаслужена победа од 66-68.

Митрашиновиќ со 18 поени и четири асистенции диригираше во оваа фантастична победа, во која Трајчевска реализираше 17, Кметовска 14, а Антиќ 10 поени.

Се вчитува...