Брдаровски: Да одиграме како против Шкендија, и да дојдеме до победа против Ренова

По ремито (2-2) со Шкендија на стартот од новата сезона Вардар викендов повторно се враќа во Тетово, овој пат на мегдан против Ренова в недела со почеток од 17 часот.

Десниот бек на Вардар, Владица Брдаровски вели дека овој пат во Тетово се оди со желба за првата победа сезонава и покрај тоа што максимално се почитува тимот на Ренова….

„Секако дека нашата цел е победа и на овој натпревар, меѓутоа тоа ќе треба да го сториме без потценување. Особено ја респектираме Ренова која што во првото коло обезбеди триумф против Работнички на гостински терен. Тоа кажува дека се квалитетна екипа на која мораме многу да внимаваме. Мораме да го дадеме максимумот на овој натпревар ако сакаме да ги освоиме бодовите. Само без опуштање и со безпоштедна борба на теренот се победуваат вакви натпревари. Реков нашата цел се три бода на овој натпревар, и ќе се обидеме да ги освоиме. Треба да одиграме како што одигравме минатата сабота против Шкендија, со мали корекции на некои грешки кои ги направивме, за да дојдеме до првата победа во оваа сезона“ – вели Брдаровски во изјава за официјалната интернет страница на клубот.

Се вчитува...