Фудбалерите на Брегалница го освоија Кавадарци со победа од 1-3 (1-0) против лутиот ривал Тиквеш за крај на одличната есен по враќањето во Првата македонска фудбалска лига.
Во првиот натпревар од 18. коло, последно во есенскиот дел, штипјани сосема заслужено дојдоа до триумфот иако домашните први поведоа уште во 16. минута со голот на Ристе Каракамишев по мешаницата пред голот на Денковски, кој беше совладан дури по третиот обид.
Брегалница уште пред полувремето имаше можност да израмни, но Димовски го одбрани ударот од белата точка на Мартин Стојанов, а одбиената топката Ацковски ја испрати покрај голот.
Но, доминацијата на Брегалница вроди со плод во второто полувреме кога најпрво во 56. минута на 1-1 израмни младинскиот репрезентативец Јован Манев, а во 71. минута по одличната асистенција на Хрватот Азиновиќ одлично реализираше српскиот интернационалец Милан Ѓокиќ кој донесе 1-2 за „сините“.
Марјан Алтипармаковски со својот деветти гол сезонава заокружи за конечни 1-3.
Брегалница во очекување на утрешните натпревари со 29 бода е на четвртата позиција на табелата, запишувајќи одлична есен зад себе во првата сезона по враќањето во елитното друштво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА