Брегалница пред ангажман на поранешен фудбалер на Баер Леверкузен, Патрик Џалто

Брегалница за новата сезона во Првата македонска фудбалска лига ќе го ангажира поранешниот фудбалер на Баер Леверкузен, Хрватот Патрик Џалто.

25-годишниот Џалто, кој игра како офанзивен фудбалер од средниот ред, е поранешен младински репрезентативец на Хрватска, а кој важеше за еден од најголемите таленти во Бундеслигата во периодот од 2013 до 2017 година. Потекнува од фудбалската школа на Кајзерслаутерн, а од 2015 до 2017 година потоа беше дел од еден од најдобрите германски клубови, Баер Леверкузен.

Во својата кариера, Џалто има настапи и за Регенсбург, Кобленц и Мемингем во Германија, како и за Австрија Клагенфург во австрискиот шампионат. Последните две сезони пред доаѓањето во Брегалница, беше дел од хрватски Вуковар.

Низ досегашниот преоден рок Брегалница претходно се засили и со досегашниот фудбалер од средниот ред на Академија Пандев, Адис Хаџановиќ од БиХ, Белгиецот Фајсел Касми, поранешниот македонски репрезентативец Горан Силјановски, долгогодишниот капитен на Борец, фудбалерот од средниот ред Ѓорѓи Ѓорѓиев, левокрилниот дефанзивец Александер Борха Кордоба, централниот дефанзивец Александар Ристевски, младинскиот репрезентативец Иван Николов, како и црногорскиот голман Немања Шчекиќ.

Се вчитува...