БРЕРА со соопштение: Ќе продолжиме да играме во Втората лига и со сениори и со младинци

По испаѓањето во второлигашката конкуренција, многу шпекулации се појавија околу иднината на тимот на Брера од Струмица. Од фузија со другиот струмички тим, до тоа дека ќе добие нови сопственици, клубот ги демантираше сите дезинформации.

Од Брера велат дека ќе продолжат да се натпреваруваат и со младински и со сениорски состав во Втората лига.

„Заради се позачестените дезинформации, невистини и манипулации кои кружат во јавноста, ФК „АП Брера Струмица“ ја известува јавноста дека и во наредната сезона ќе продолжи да се натпреварува како со младинските категории така и со сениорски состав во Втората македонска фудбалска лига која ќе биде одлично искуство и нов предизвик за нашите млади фудбалери.

ФК„АП Брера Струмица“ има квалитет, има потенцијал. Доказ се нашите момци кои покажаа дека имаат карактер и победнички менталитет освојувајки ја двојната круна во младинските натпреварувања. Со овој успех, нашите момци а со тоа и нашиот клуб по втор пат во својата историја ќе настапува во Младинската УЕФА лига на ШАМПИОНИ – што е потврда за правилната работа, посветеноста на нашата управа и стручниот тренерски кадар за развој на младите таленти во клубот.

Паралелно ја информираме јавноста дека нашиот клуб брои повеќе од 300 деца кои секојдневно тренираат, се натпреваруваат и ја живеат љубовта кон фудбалот. Тие се иднината не само на нашиот клуб туку воопшто и на македонскиот фудбал. Тие се нашата дополнителна мотивација за нови долгорочни успеси.

Токму затоа, овој период ќе го искористиме за реконструкција и дополнителна организација на младинската школа. Ќе работиме на создавање на уште подобри услови за развој на нашите идни фудбалери – затоа што децата го заслужуваат најдоброто. Ќе бидеме посветени на сопствениот потенцијал но и широко ги отвораме вратите за фудбалските надежи.

Продолжуваме посилни, поорганизирани и со јасна визија за иднината!“, велат од АП Брера.

Се вчитува...