Брест Мешков е „бронзен“ во СЕХА, Загреб последен на Ф4-турнирот во Задар

Брест Мешков е освојувач на третото место на завршниот турнир од СЕХА-лигата, откако белорускиот првак во „малото финале“ успеа да триумфира над Загреб со резултат 29-24. Белорускиот состав одигра подобро од противникот, знаеше како да ги надмине проблемите на стартот и да го контролира резултатот во поголемиот дел од мечот, на крајот заслужено радувајќи се на победата.

Загреб изненади со одличната зона „пет-еден“ на стартот од мечот, па благодарение на голманот Ашанин и цврстата игра во дефанзива хрватскиот состав набрзина поведе со 4-1. Белорусите сепак успеаја да се вратат, преку Јуринок во 17. минута израмнија на 7-7, а потоа и презедоа целосна контрола над резултатот. Ниту честите судиски исклучувања не го исфрлија од ритам Брест Мешков, кој го одржа водството до крајот на полувремето и на одмор замина со предност од 14-12.

Белорусите набрзина поведоа со четири гола благодарение на погодоците на Врањеш, но искусниот пивот потоа заработи незгодна повреда. Покрај тоа, голманската замена во Загреб вроди со плод, Јандриќ им одбрани неколку зицери на ракометарите на Брест Мешков, па предноста веднаш беше сведена на минимум (20-19, 47. минута). Тренерот на Мешков го остави Скубе закован на клупата во вториот дел, а Загреб го искористи тоа и со голот на голманот Јандриќ од својата половина стигна до израмнување (21-21) на десет минути до крајот.

Алонсо зеде тајмаут, а по таа минута одмор Брест Мешков направи серија од 3-0 и го реши прашањето на победникот, на крајот триумфирајќи со конечни 29-24.

Левото крило Јуринок со седум гола беше најефикасен поединец на натпреварот, по шест постигнаа Врањеш и Ваилупау, а најдобар стрелец на Загреб беше Немања Обрадовиќ со пет погодоци.

Во големото финале вечерва во 20.30 часот ќе се сретнат Вардар и Веспрем.

Фото: Урош Хоцевар. www.seha-liga.com

Се вчитува...