Брестовац: Ако не внeсуваме нови репрезентативци, за извесен период ќе бидеме во тешка дупка

Селекторот на македонската машка ракометна репрезентација, Данило Брестовац го објаснува концептот за кој се реши во пресрет на пријателските натпревари кои ќе бидат одиграни во текот на ЕХФ неделата. Тој на патувањето во Турција реши да поведе неконвенционален состав во кој се млади ракометари со минимално или без репрезентативно искуство. Причината според Брестовац е потребата да се даде шанса на овие играчи за да се искристализираат оние кои се „материјал“ за националниот состав.

„Сите репрезентативци тренираат, но немаат минутажа и тоа е катастрофа, затоа и имаме ваков состав. Имаме проблеми, затоа сакаме да играме што е можно повеќе натпревари. Дополнително е и тоа што играчите од Металург сезонава немаат интернационални натпревари.  Затоа оваа недела ќе одиграме четири меча. Имаме проблеми, Велко Маркоски не игра, Никола Маркоски има скршеница, автоматски имаме проблеми. Порано таму ни беа загарантирани Маркоски и Јоноски, но немаме замена за нив. Мора да работиме на тоа. Сакам да ги проверам младите играчи, ми требаат храбри и борбени играчи, кои ќе донесат цврстина во одбрана. Се надевам дека од нив ќе можеме да добиеме А-репрезентативци кои ќе може да играат на високо ниво. Мора да сфатиме дека мора да внесеме свежа крв во репрезентацијата, ако не го направиме тоа, за две години може да бидеме во тешка дупка. Затоа закажавме повеќе пријателски мечеви, иако тешко ни беше да најдеме добри противници. Ќе се обидеме да го дадеме најдоброто, па понатаму да одбереме“ – вели селекторот Брестовац.

Кога ќе се врати од тестовите во Турција, репрезентацијата ќе одигра и два контролни дуела против Грузија, а за нив во тимот ќе бидат и Кирил Лазаров, Борко Ристовски, Дејан Манасков, Филип Талески и Филип Кузмановски. ЕХФ неделата трае од денеска до 27 октомври и контролите кои ракометната селекција ги игра во овој период се во насока на што подобра подготовка за настапот на Европското првенство во јануари следната година.

 

 

Се вчитува...