Брестовац: Ако одиме на СП, ќе има нов список

Селекторот на ракометната репрезентација, Данило Брестовац, денеска го објави списокот на ракометари за ЕХФ-неделата на почетокот од 2021 година. Забележливо е дека покрај капитенот Лазаров и уште неколку поискусни ракометари, големо мнозинство на овој список се играчи кои досега ретко добивале шанса во сениорската репрезентација.

Замислата на Брестовац е јасна, да види на дело што повеќе ракометари, за да има јасна слика на кои од нив ќе може сериозно да смета во наредниот период.

„Мораме да влеземе во процес во кој ракометарите ќе добиваат шанса за докажување во репрезентативниот дрес. Затоа и викнав голем број на играчи, дел од нив и ќе дебитираат во јануари, се со цел да ги видиме неколку дена на тренинг, потоа и на натпревар. Закажавме два пријателски дуели со селекцијата на Чиле, на кои сите ќе добијат шанса, по што ќе имаме далеку подобар преглед на можностите на овие ракометари. Воедно, ќе се засили и конкуренцијата за секое место во тимот кога сите ќе видат дека за секоја позиција се викнати по неколку различни ракометари“, истакна Брестовац, кој за оваа ЕХФ-седмица не ги повика Борко Ристовски, Дејан Манасков и Гоце Георгиевски.

Македонија останува прва резерва за учество на СП во Египет, па доколку дојде до ширење на коронавирусот во некоја од репрезентациите-учеснички на почетокот од месец јануари, нашиот национален тим „во пет до дванаесет“ би влетал за учество на мундијалот.

„Двете работи треба да се разграничат. Ние се подготвуваме долгорочно и затоа приложениот список за ЕХФ-неделата е таков каков што е. Доколку се случи да бидеме повикани за СП 2021 во Египет, веќе е подготвен и поширок список од 35 имиња за светскиот шампионат“, најавува македонскиот селектор.

Се вчитува...