Брестовац: Добивме белешки со тактиката на Австрија, но премногу грешевме и промашувавме…

Данило Брестовац конечно го прекина „медиумскиот молк“ од завршувањето на ЕП, па во разговор за ТВ Телма подетално проговори за настапот на македонскиот национален тим и освоеното 15. место на овој европски шампионат. Иако по последниот пораз од Австрија говореше за можно повлекување, но и најави дека ќе треба да се собере храброст за „рез“ во националниот тим, Брестовац денеска се појави пред камерите со многу „помек“ став.

„Сметам дека би било погрешно сега да го напуштам бродот, бидејќи Македонија се наоѓа на добар пат. Секако дека можеше да се оствари подобар резултат, со уште една победа ќе си обезбедевме нови четири натпревари на кои помладите ракометари би добиле повеќе шанси за докажување на едно големо натпреварувањ. Од конечниот пласман не може да се биде целосно задоволен, но сметам дека се движиме во вистинска насока кога се наоѓаме во процес на подмладување. Ова ЕП не треба да обесхрабрува, јас знам дека постои незадоволство од одредени играчи, но верувајте дека станува збор за одлични спортисти“, изјави Брестовац во гостувањето на ТВ Телма, одбивајќи да даде конкретен одговор на прашањето дали во иднина ќе се откаже од дел од репрезентативците што не ги оправдале неговите очекувања.

Тој смета дека поразот на клучниот меч со Австрија, на кој Македонија имаше и двоцифрена негатива, не се должи на тактичка неподготвеност. Напротив, селекторот откри и дека добил белешки со тактичките замисли на Алеш Пајович, дека точно знаел што да очекува, но дека потфрлиле ракометарите со нивната реализација на нападите.

„На ден пред натпреварот добивме белешки од акциите на противничкиот тренер што се планираат за дуелот со нас. Во тие белешки имаше и дека Кире Лазаров ќе биде чуван поагресивно, таа преписка му ја дадовме и на Лазаров. Генерално бевме подготвени, но згрешивме неколку пати во додавањата. Можеби требаше да се обидеме и на поинаков начин, но тешко е кога ќе влезете во криза, нема да реализирате неколку напади, па потоа да се вратите во посакуваниот ритам. Главен проблем беше слаба реализација, што беше одлика на македонската репрезентација на целиот шампионат“, тврди кормиларот на националниот тим.

Како главен проблем македонскиот селектор повторно го посочи неиграњето на дел од ракометарите во своите клубови. Воедно, тој издвои и неколку репрезентативци кои не ги оправдале неговите очекувања на дуелите со Кувајт, Алжир и со Романија во првата фаза од подготовките.

„Многу е тешко кога играчите не играат во своите клубови, кога немате можност да видите на што се подготвени во репрезентативниот дрес. Во овој момент, од сето она што го видов на онаа мини-турнеа низ Србија и Романија, мислам дека ова беше најдоброто од македонскиот ракомет, на што можеме да се потпреме на овој европски шампионат. Го имаме Коки Петров, кој квалитативно е далеку зад Стоилов, Пешевски и Маркоски. Дарко Димитриевски имаше добри средби во Шпанија, јас за него имав извадено карта за Словенија, но со игрите што ги прикажа во Србија и во Романија разочара и придонесе да го смениме ставот за него. Мало разочарување беше и Димитар Димтриовски, кој на четири средби имаше шут 2/10, со технички грешки и загубени топки“, истакна Данило Брестовац.

При доаѓањето на кормилото тој најави подмладување на националниот тим, но Брестовац потенцира дека тоа е опасен процес во кој лесно може и да се загуби некој ракометар.

„Мој мал неуспех е што не бев доволно храбар, можеби да вклучам и неколку ракометари од таа 2000 година. Добро ги познавам младите играчи, но со нив треба да се биде хируршки прецизен за да не ги загубиме ако се „изгорат“. Видовме како такво нешто се случи со Марио Танкоски на дуелот со Австрија“, вели селекторот Брестовац.

Се вчитува...