Брестовац: Голема неправда кон Македонија, ова е преседан

Селекторот на македонската репрезентација, Данило Брестовац, е разочаран од одлуката на ИХФ нашиот национален тим да не добие вајлд-карта за настап на СП 2021. Баражите беа укинати за директен пласман да обезбедат сите селекции кои се наоѓаа пред Македонија на последниот европски шампионат, „црвено-жолтите“ беа следни на листата за влез на СП во Египет, но ИХФ сепак реши да ги прескокне и вајлд-карти да им даде на Русија и на Полска, репрезентции кои го освоија 21. и 22. место на ЕП 2020.

„Навистина немам објаснување за ваквата одлука, ова е преседан со кој е нанесена голема неправда кон Македонија. Ако се одлучи да се откажат баражите и мерило да биде пласманот на последното европско првенство, не може потоа за вајлд-карти да се изберат репрезентации што биле 21. и 22. на тој шампионат, а да се заборави на Македонија. Ние имаме и квалитет и континуитет, но и пласман на ЕП 2020 со кој заслуживме да бидеме дел од овој светски шампионат“, вели Брестовац.

Според нeгo, ниту Русија ниту Полска не заслужиле да бидат дел од собирот на најдобрите светски репрезентации.

„Кои се аргументите со кои Русија е подобра од Македонија? Репрезентативно играат крајно променливо, често не ни учествуваа на големите натпреварувања. Немаат ниту клупски ракомет на највисоко ниво, играат во челинџ-куп, а кога дојде време за вајлд-карта, добија предност пред селекција што десет години е дел од елитата. Или Полска, аргументот беше дека оваа земја ќе била домаќин на наредното големо натпреварување. Па и Македонија е домаќин на следното големо натпреварување во женска конкуренција, па не видовме некој да и даде вајлд-карта“, истакнува македонскиот селектор.

Сепак, Брестовац ќе настојува почетокот на 2021 година да биде адекватно искористен за подмладување на националниот тим.

„Секако дека ова е голем удар за сите нас, бидејќи плановите ни беа поврзани со подготовки и учество на светското првенство. Надежта умира последна, можеби ќе дојде до пресврт за една од преостанатите две вајлд-карти, но и доколку тоа не се случи не е крај на светот. Периодот ќе го искористиме за одигрување на пријателски натпревари, можеби и турнир, на кој ќе го подмладиме составот. Суштината останува иста – играчите да настапуваат во своите клубови. Ме радува што Талески дојде во Вардар за да игра повеќе, што Кузмановски го смени клубот во потрага по поголема минутажа. Останува да видиме каква улога ќе има Танкоски во Пелистер, а не ми се допаѓа што во Вардар се говори за Гаџа и за Јотиќ, а не за Мишевски, кој е роден 1999 година и важи за наш голем талент“, вели Брестовац.

Испаѓањето од игра за СП 2021 го прави уште позначаен пласманот на следното европско првенство. Поради тоа, фокусот на селекторот и на ракометарите целосно е насочен кон почетокот на квалификациите и ноемвриските дуели со Финска и со Швајцарија.

„Овие натпревари се најважни за нас во моментов, бидејќи од исклучително значење е да се пласираме на следното европско првенство. Мораме да сториме се за да славиме над Финска, а потоа да стигнеме до добар резултат и на гостувањето против Швајцарија, со што широко би си ги отвориле вратите кон европскиот шампионат“, оптимистички гледа кон иднината Данило Брестовац.

Се вчитува...