Брестовац има само една дилема за конечниот список за ЕП

Македонија со победа над Црна Гора ги заврши подготовките за ЕП 2020, а нашите ракометари ќе тренираат во Словенија уште неколку дена пред патот за Виена и премиерниот дуел против Украина, што е на програмата в петок. Селекторот Данило Брестовац ниту на последниот меч не можеше да смета на Кире Лазаров, но и без помошта на капитенот македонскиот национален тим успеа да забележи триумф.

„Морам да бидам задоволен, не само поради победата, туку и поради фактот дека го минавме беспрекорно, сите играчи останаа здрави, што е исклучително важно непосредно пред почетокот на ЕП. Воигрувавме нова формација во одбраната и делувавме солидно, во нападот исто така се обидовме со различни тактики варијанти. Ни останува во следните денови да обрнеме поголемо внимание на скаутинг на противниците, да средиме уште неколку детали во нашата игра и верувам дека максимално подготвени ќе го дочекаме стартот на шампионатот“ – изјави Брестовац.

Селекторот тргна со 20 ракометари на подготовките во Словенија, во меѓувреме повреда заработи Велко Маркоски, а за патот во Виена ќе отпадне уште еден играч.

„За Австрија ќе патуваат 18 ракометари, така што ќе мораме да избришеме уште еден играч од оние кои ги имаме на располагање во моментов. Она што е сигурно е дека ќе биде десно крило, бидејќи во моментов имаме тројца ракометари на оваа позиција, наспроти двајца на спротивната страна“ – открива македонскиот селектор.

Брестовац пред тргнувањето за Словенија изјави дека Гоце Георгиевски е прва опција за позицијата десно крило, а Никола Костески и Мартин Поповски ќе треба напорно да работат за да го стигнат нивото на овој долгогодишен репрезентативец. Токму тоа е дилемата на селекторот во последните два дена од подготовките, дали да го повика Поповски, кој има одлична сезона во дресот на Пролет, или пак Костески, кој важи за еден од најперспективните млади македонски ракометари.

Се вчитува...