Брестовац: Македонија не треба да се грижи за ракометната иднина додека има луѓе како Јорданов и Мукаетов

Данило Брестовац остава зад себе една година исполнета со интензивна работа. Младиот стратег имаше пеколно лето со младинската и кадетската репрезентација на Македонија, по што влезе во уште понапорен ритам како шеф на стручниот штаб на Металург, клуб со кој се натпреваруваше во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата.

Резултатите можеби не се на посакуваното ниво, но Брестовац уште еднаш потенцира дека клучно за Металург во моментов е да се создаде екипа што ќе трае подолг период.

“Ние сме во фаза на создавање екипа за долги патеки. Потенцијал и квалитет имаме, но недоволно за врвен ракомет. Генерално, имаме напредок. Напредуваме секојдневно. Ни претстои уште многу работа за да дојдат на терен вистинските резултати. Ако споредиме со првиот натпревар, кога имаше играчи што имаа споредни улоги и мала минутажа, сега е поинаку. Влезени сме во еден современ процес на физичка, техничка и тактичка подготовка, кој бара време. Најважно е што знаеме каде одиме и каде ни е патот. Знаеме дека е тешко кога ќе се загуби, но прекуноќ ништо не се создало. Потребно ни е време, затоа што, сепак, станува збор за млади ракометари“ –  вели Данило Брестовац во интервју за клупската веб-страница на Металург.

Според него, ваквата стратегија на клубот од Автокоманда е нешто што гарантира позитивна иднина за целокупниот македонски ракомет.

“Додека постои Металург, додека функционираат школите на Металург и додека има луѓе како Минчо Јорданов и како Живко Мукаетов, кои несебично го поддржуваат и вложуваат во македонскиот ракомет, Македонија не треба да се грижи за својата иднина. На клупско ниво имаме исклучително добро разбирање од сопственикот, кој има неверојатно чувство за општествено одговорно работење, во интерес на пошироката заедница и долгорочни бенефиции за младите ракометари, но и за државата. Во тоа одлично се вклопува поддршката од претседателот на федерацијата, Мукаетов, кој еднакво се грижи и за сениорските и за јуниорските и за најмладите категории ракометари и на сите им ги овозможува најдобрите услови за напредок и развој на репрезентативно ниво. Штета е што во државава имаме многу малку такви луѓе, кои вистински го сакаат спортот и придонесуваат за неговиот подем“, рече Брестовац.

Стратегот на Металург е особено горд на начинот на кој функционира младинската школа, која за цел има да ги привлече најголемите таленти ширум Македонија.

“Точно е дека Металург е лидер во продукција на играчи не само во Македонија, туку и на Балканот. Но, исто така, се грижиме и за најталентираните играчи од Македонија и од регионот, кои ги носиме во нашиот клуб и им даваме шанса и услови за уште подобар напредок и развој. Такви се, на пример, левиот бек од Прилеп, Теодор Тодески (роден 2002 – н.з.), српскиот голман Предраг Мијатовиќ (2002), централниот бек од Врање Стефан Додиќ (2003), кој со 16 години доби шанса да игра во ЛШ и во СЕХА. Тоа е она што Металург го прави инкубатор на врвни играчи, за кои подоцна се интересираат врвни екипи. Најважно е да се држиме до нашиот создавачки концепт, обновувањето на генерациите со нови таленти и да достигнеме едно ниво на самоодржување во финансиска смисла“ – истакна стратегот на „металурзите“.

Се вчитува...