Брестовац: Масерот ми шепна дека ќе почнат со „седум на шест“…

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Селекторот Данило Брестовац не го криеше задоволството што беше избегнато непријатно изненадување на стартот од овој европски шампионат, откако Македонија со гол во последната секунда на Кире Лазаров го скрши отпорот на незгодниот состав на Украина.

„Два пати имавме можност да го решивме натпреварот да се одлепиме посериозно, но Украинците со цврста игра успеаја да се вратат. Тешко беше да се брани кога ривалот игра речиси цело време „седум на шест“, се обидовме со најразлични тактики, но Украина беспрекорно погодуваше. Сепак, најважно е што се забележа победа, бидејќи првите натпревари секогаш се најтешки, без разлика колку сте млада или искусна репрезентација“, изјави Брестовац.

Македонскиот селектор откри и дека непосредно пред мечот добил корисна информација од член на својот стручен штаб.

„Масерот Димитар пред мечот минувал крај нив и наслушнал дека од самиот почеток ќе играат седум на шест. Тоа ни беше корисна информација бидејќи добро се подготвивме и одлично го почнавме мечот, неутрализирајќи го нивното главно оружје“ – открива македонскиот кормилар.

Тој испрати посебни пофалби кон голманот Никола Митревски, кој бранеше извонредно во текот на целиот натпревар.

„Капа доле за Митревски, за сето она што го прикажа, за одличните интервенции во вистински момент, кога во нападот не функциониравме најдобро. Тој ни ја даде неопходната сигурно и ни овозможи на крајот да се радуваме. Последниот напад сите го видовте, Лазаров ги зеде работите во свои раце, зоната се повлече и тој биеше неодбранливо“, изјави за крај Данило Брестовац.

Се вчитува...