Брестовац: На Борко и на „Џомба“ ќе сметаме во иднина…

Селекторот на ракометната репрезентација, Данило Брестовац, изненади многумина со одлуката од скратениот список за квалификациите за ЕП 2022 да ги изостави Борко Ристовски и Гоце Георгиевски за натпреварите со Финска и со Швајцарија. Сепак, Брестовац е дециден дека ваквата одлука не значи дека вратата за репрезентацијата се затвора за двајцата долгогодишни репрезентативци.

„Списокот го скративме, притоа моравме да внимаваме да ги повикаме странците поради строгите протоколи. Доколку некој од нив во меѓувреме биде позитивен на Covid-19, многу полесно ќе го замениме со домашен играч отколку обратно, да треба во последен момент да донесеме странец. Јас сметам на Борко Ристовски, кој има и полесна повреда, како и на Георгиевски, лесно може да се случи некој од нив двајца да биде дополнително повикан веќе за овој натпревар“, истакнува Брестовац за ЕКИПА.

Без оглед на промените во составот и неизвесноста околу здравствениот статус, селекторот не го менува ставот дека Македонија ќе атакува на максимални две победи на стартните квалификациски натпревари.

Секако дека постојат проблеми, но тоа не се однесува само на нас, туку и на сите останати репрезентации. Не вреди да се седи и да се плаче, туку мора да се работи со она што се има на располагање. Ако се гледа списокот, имаме респектабилен тим со кој ќе одиме на победи и на двете средби“, оптимист е Данило Брестовац.

Се вчитува...