Брестовац: Ова е мало финале за нас, ќе сториме се за да победиме

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Селекторот Данило Брестовац е оптимистички расположен во пресрет на денешниот дуел со Чешка, свесен дека триумф на оваа средба широко ги отвора вратите кон втората рунда од европскиот шампионат. Тој верува дека Македонија ќе се покаже во уште подобро светло отколку на првиот меч со Украина, а како клучен фактор за победата ја потенцираше одбраната против најдобрите чешки ракометари, бековите Здрахала и Бабак.

„Ова е едно мало финале за нас бидејќи со победа таму би се пласирале во следната рунда, па порелаксирани би го дочекале дуелот со Австрија. Мислам дека сме спремни да го направиме тој чекор плус, очекувам подобра игра во нападот и во одбраната и наша победа на крајот. Чесите се комплетна репрезентација, добро покриени на секоја позиција, не е тајна дека Здрахала и Бабак се главни играчи, тоа се ракометари кои одлично се снаоѓаат во ситуации еден на еден и ќе мораме да бидеме многу внимателни за да ги неутрализираме. Чешка е солидна репрезентација, често играме против неа и знае да ни создаде проблеми, но јасно е дека не е несовладлива. Треба да одиграме добро, да ги запреме нивните главни играчи и со тоа да завршиме голем дел од задачата“, изјави селекторот во пресрет на денешниот натпревар.

Брестовац се реши да не прави никакви измени во составот во однос на првиот натпревар, па така и денешниот дуел од трибините ќе го следат Мартин Томовски и Мартин Серафимов.

Се вчитува...