Брестовац: Победа против Турција за да го задржиме првото место

Македонската ракометна репрезентација е во завршната фаза од квалификацискиот циклус за пласман на следното Европско првенство. На првиот собир во пресрет на дуелите против Турција во гости и против Грција на домашен терен, селекторот Данило Брестовац беше без репрезентативните носители на националниот тим. Ги немаше Лазаров, Стоилов, Кузмановски, Талески. Не беа присутни и Манасков кој го откажал настапот, како и Ристовски кој се бори со настинка, но ќе биде подготвен за дуелите.

„Имаме потешкотии, Манасков откажа, за Стоилов треба да видиме. Последно е дека ќе игра со Турција, а за потоа ќе договориме. Ќе ги видиме Димитровски и Маџоски што и колку можат. Приоритет ни е добар натпревар. Борбен дуел и секако победа. Со мене ке одат тие што се подготвени  да се „степаат“ со Турција. Очекувам победа, да го задржиме првото место во групата и да одиме скалило погоре во шеширите за ждрепките“ вели Брестовац на првиот собир.

Против Турција, македонската репрезентација, на домашен терен забележа победа. Во овој натпревар, со оглед на позициите селекторот ќе може да направи некои проби во тимот.

„Дејан Манасков ни е многу важен, но овие двајца можат да го заменат. Кога недостасува некој важен играч, нека тоа малку прави проблем, но ментално ќе го надминеме тоа. Треба добро да се подготвиме, добро да се поделат задачите. Ние сме сигурни на Европското првенство, го немаме притисокот како пред натпреварите со Исланд. Сега имаме можност да пробаме нешто поразлично, но доволно за победа“ – вели селекторот.

Ракометарите имаат четири дена за подготовки, потоа на 12. јуни играат против Турција, а последниот дуел од квалификациите е закажан за 16.јуни во Струмица.

Се вчитува...