Брестовац: Се досега беше наследено, сега мора да се засукаат ракави…

Селекторот на македонската репрезентација, Данило Брестовац, има право да биде разочаран по денешната ждрепка во која нашиот национален тим за ривал во баражот за СП 2021 го доби повеќекратниот светски првак Франција.

„Немавме среќа. Франција е единствена репрезентација против која речиси и да немаме шанси да ја совладаме, а за противник ги добивме токму „триколорите“. Јасно е, ќе биде многу тешко, но никој не може да ни го одземе правото да сонуваме. За мене најважно ќе биде да одиграме два добри натпревари, да се покажеме во добро светло на теренот и да докажеме дека сме на правилен пат“, истакна Брестовац.

Дуел против тотален фаворит од друга страна може да значи и шанса за најавуваниот рез во репрезентацијата конечно да се реализира.

„Тоа сигурно е опција, но најпрвин ќе мора да се види и ждребот за групите за ЕП 2022, каде сме во вториот шешир и би имале реални шанси за пласман на следниот европски шампионат. Едно е сигурно, се наоѓаме во специфична ситуација во која дел од помладите играчи не настапуваат во своите клубови, а треба да влезат во националниот тим. Се досега беше наследено од претходните генерации, кои овозможија континуитет, но сега мора да се засукаат ракави и да се работи уште понапорно, за да за неколку години го вратиме македонскиот ракомет онаму каде што припаѓа, да се создаде костур на една репрезентација. Затоа и дуелите со Французите се важни, да покажеме што знаеме и умееме против еден силен ривал“, вели македонскиот селектор.

Се уште е неизвесно и во каков состав ќе настапат „триколорите“ во баражот со Македонија, нешто што во многу нешта ќе зависи од квалификацискиот турнир за ОИ што ќе се одржи следниот месец.

„На последното ЕП тие ја помладуваа репрезентацијата и резултатски не минаа најдобро. Не може да знаеме во каков состав ќе играат против нас бидејќи ќе зависи дали летово ќе ги очекува настап на Олимписките Игри или вртење на нов лист. Како и да е, тие ќе ја имаат улогата на големи фаворити, но ние сигурно нема да се предадеме без борба“, порачува Данило Брестовац.

Се вчитува...