Брестовац: Се движиме во добар правец, резултатот со Словенија не беше во преден план

Селекторот на македонската репрезентација, Данило Брестовац, не е загрижен поради резултатот и поразот од Словенија. Тој е оптимист дека со секој нареден тренинг репрезентацијата се движи во вистинска насока и верува дека „црвено-жолтите“ стопроцентно подготвени ќе влезат во премиерниот дуел против Украина, в петок во Виена.

„Одржавме два заеднички тренинзи и сосема солидно им париравме на Словенците се до онаа повреда на Велкоски, која го наруши нашиот ритам во одбраната. Потоа и промашивме неколку зицери, по што домаќините со лесни голови стигнаа до убедлива предност. Како проблем би го навел враќањето назад во фазата напад – одбрана, тоа е нешто на што ќе поработиме во следниот период, иако мора да се потенцира дека сите наши ривали во првата рунда играат многу побавно во споредба со Словенија. Резултатот во ниту еден момент не беше во преден план, целта ми е да составам база на ракометари кои би понеле дел од товарот за време на ЕП, што вообичаено досега паѓаше врз неколку ракометари на секое големо натпреварување“ – изјави Брестовац.

Кормиларот на националниот тим забележува значителен напредок на секој следен тренинг што „црвено-жолтите“ го одработуваат со Словенија.

„Играта со Словенија не може да биде никакво мерило бидејќи реално и не ги покажавме сите свои адути. Пред нас е дуелот со Црна Гора, а потоа на тренинзите ќе ставиме поголем акцент на тактика и на одредени детали кои би ни помогнале на натпреварите во Виена. Генерално гледано сум задоволен од сработеното по собирот на 2 јануари, убеден сум дека се движиме во добар правец и дека почнувајќи од првиот дуел на ЕП 2020 ќе се покажеме во вистинско лице“ – оптимистички е расположен селекторот на македонската ракометна репрезентација.

Се вчитува...