Брестовац: Се уште тврдам дека сме подобри од Чешка, но денеска не бевме на нашето ниво

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Селекторот на македонската репрезентација, Данило Брестовац, разочарно на прес-конференцијата по мечот со Чешка дискутираше за почетните десет минути од второто полувреме.

„Треба да бидеме разочарани. Јас се уште тврдам дека сме подобри од Чешка, но денеска на бевме на своето посакувано ниво. Вакви израмнети натпревари ги решаваат ситници, а тие денеска беа во корист на противникот. Пресуди стартот на второто полувреме, Чесите влегоа во ритам, погодија тешки шутеви од десен бек, Здрахала втрча меѓу еден и два и погоди со помош на дирекот. Се вративме, дадовме се од себе, но за жал не успеавме да стигнеме до посакуваната победа“, изјави Брестовац.

Со поразот од два гола, сега на Македонија ќе и треба победа од најмалку два погодоци над Австрија за да биде сигурен патник во следната рунда.

„Затоа и го земав тој последен тајмаут, за да им дадам до знаење дека е важно дали ќе реализираме. Талески промаши, па сега ќе бркаме „плус два“. Според мене Чешка е подобра селекција од Австрија, но видовте што се случи на теренот пред два дена. Ние нема да се предадеме, ќе дадеме се од себе и ќе се обидеме да стигнеме до триумф што ќе не однесе во следната фаза. Сепак, ова е спорт, математиките на хартија се една работа, а случувањата на терен нешто сосема друго“, истакна македонскиот селектор.

Се вчитува...