Брестовац: Талески и Кузмановски досега беа млади, сега треба да докажат дека се квалитетни..

Селекторот на македонската репрезентација, Данило Брестовац, отворено изјави дека очекува блесок на Филип Талески и Филип Кузмановски на овој европски шампионат. Воедно, Брестовац не крие дека е загрижен од слабата минутажа што овие двајца ракометари ја добиваат на клупски план во Бундес-лигата.

„Да бидам искрен, ако треба да бирам ракометар надвор од овој список, добро би ми дошол среден бек, по можност низок бидејќи сите бекови кои ги имаме се високи. Знам дека имаме ракометари во Бундес-лигата, но јас лично сум загрижен поради минималната улога што Талески и Кузмановски ја имаат во своите клубови. Го видовме Кузмановски на оној меч со Грузија, на кој беше тотално дефокусиран, во првото полувреме мислам дека имаше шут 1/8. Не му е лесно, на секој ракометар му е неопходно да минува што повеќе време на терен. Сепак, факт е дека за позначаен резултат нам ни треба овие играчи да го преземат својот дел од одговорноста. Талески и Кузмановски досега беа млади, сега треба да докажат дека се квалитетни“ – изјави Брестовац.

За разлика од Брестовац, капитенот Кире Лазаров, отворено им искажа поддршка на двајцата бундеслигашки ракометари, истакнувајќи дека е само прашање на време кога тие ќе го исполнат потенцијалот што дефинитивно го поседуваат.

„Треба да се постави систем за тие да можат да го дадат најдоброто од себе, бидејќи секако станува збор за квалитетни ракометари. Едно треба да е јасно, германски клубови не земаат странски ракометари ако тие не се доволно квалитетни. Треба да се најде начинот да им се овозможи тие да блеснат. Тоа што често се зборува за Талески и Кузмановски само им ја отежнува работата, треба да им се даде поддршка. Ние сме тим, треба сите заедно да работиме за да дадеме свој придонес и да стигнеме до посакуваниот резултат. Јас сум сигурен дека тие ќе играат се подобро како што ќе одминува времето, тие се македонските ракометни дијаманти“ – истакна Лазаров.

Се вчитува...