Селекторот на македонската репрезентација, Данило Брестовац, денеска го одржа првиот собир на подмладената репрезентација, со што е означен стартот на подготовките за ЕП 2020. Брестовац во првата фаза ќе експериментира со голем број млади ракометари, кои на натпреварите во Србија и во Романија ќе се обидат да се наметнат за да се најдат на финалниот список на патници за европскиот шампионат.
„Ова е речиси „Б репрезентација“, можеби некому ќе му звучи грубо, но додека сум јас селектор сметам дека е неопходно да постои ваква категоризација, за играчите да знаат каде припаѓаат и да се борат за да напредуваат. Јас сум тренер што верува во младите, што им дава шанса, сега ќе имаат четири натпревари за да ме убедат во своите квалитети, да се изборат за место во А репрезентацијата. Моја желба е кога ќе бидат вклучени, тие да немаат само епизодна улога, туку навистина да покажат нешто во репрезентативниот дрес, да дадат свој придонес за да стигнеме до што подобар резултат. Изкрено верувам дека е време млад играч конечно да блесне во дресот на македонската репрезентација на едно европско првенство“ – изјави Брестовац.
Селекторот е оптимист и кога станува збор за нашите шанси за пласман во втората рунда од европскиот шампионат.
„Дури сега се гледа колку е важно што бевме пред Исланд, што завршивме први во групата и сега добивме за нијанса полесни противници. Украина, Чешка и Австрија, тоа се ривали против кои ќе играме и кои можеме да ги победиме, секако се ќе зависи од нас и од она што ќе го покажеме. Фокусиран сум на Украина, тоа е важен меч бидејќи со победа ќе направиме значаен чекор напред кон следната рунда, а во зависнот од исходот на мечот Чешка – Австрија ќе биде јасно и какви ќе бидат математиките пред останатите две рунди“ – истакна македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА