ЕКИПА во Виена,
Стеван Цаневски
Македонија е на работ на елиминација од ЕП 2020 по катастрофалното прво полувреме што го игра против домаќинот Австрија, меч на кој на одмор се замина со резултат 18-12. Домаќините целосно доминираат на теренот, а македонскиот селектор Данило Брестовац делува безидејно, при очајното издание и бројните загубени топки првиот тајмаут го зеде дури откако противникот поведе со шест гола разлика (16-10).
Натпреварот почна лошо за Македонија, Австријците поведоа со 1-0, а веднаш потоа исклучување од две минути заработи Стоилов. Домаќините продолжија фуриозно, нивниот голман Ајхбергер одбрани неколку удари и водството на Австрија се зголеми на 4-1. Стоилов постигна два важни гола и ја врати Македонија во ритам, пред Георгиевски да израмни од контранапад по пожртвуваната игра на Манасков во одбраната.
Кузмановски катастрофално го отвори и овој меч, па по загубената топка и два промашени зицери на бекот на Магдебург, Австрија повторно стигна до солидна предност (6-4). Старата болка се повтори, па во првите три акции со ракометар повеќе не постигнавме ниту еден гол, а домаќините го искористија тоа за да ја одржат предноста од два гола (8-6). Билик влезе во ритам и зголеми на 9-6, додека бројот на загубени топки на македонските ракометари од минута во минута се повеќе се зголемуваше. Брестовац немоќно гледаше и не реагираше дури и откако противникот поведе со 10-6, откако Танкоски продолжи онаму каде што застана Кузмановски, со слабата игра на среден бек.
Австрија беше влезена во ритам, а нешто поагресивната одбрана врз Лазаров целосно го отсече македонскиот капитен, кој тешко стигнуваше и во допир со топката, камоли да изгради ситуација за шут. И додека Брестовац немоќно следеше крај аут-линијата, Пајович зеде тајмаут при првиот момент на помала слабост на неговата селекција, иако Австрија во тие моменти имаше водство од 13-10. Кризата на Македонија уште повеќе се продлабочи, се продолжи со загубените топки, а дури откако Австрија поведе со 16-10 македонскиот селектор се сети да побара минута одмор. Бродот веќе беше потонат, следеше промашен зицер на Манасков по кој Австријците реализираа за „плус седум“. Во 27. минута изнудивме и ситуација со двајца играчи повеќе на теренот, но Ајхбергер го запре ударот на Лазаров, за тотален колапс.
На одмор се замина со резултат 18-12, резултат од кој камбек делува како невозможна мисија ако се земе во предвид катастрофалното издание на „црвено-жолтите“ во овие првите 30 минути.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА