Брестовац: Завршивме работа, ем победивме, ем „одморивме“

Селекторот на македонската репрезентација, Данило Брестовац, е задоволен од изданието на своите ракометари и победата на дуелот со Финска.

„Генерално гледано сум задоволен од она што го видов денеска. Го одигравме мечот онака како што посакувавме, рано поведовме, па потоа можевме да си дозволиме да ротираме, да одмориме дел од клучните играчи за следниот дуел со Швајцарија. Секако дека има простор за напредок, но мора да се разбере дека предолго сме без натпревар, а одржавме само неколку тренинзи пред оваа средба. Згора на тоа, атмосферата беше крајно стресна поради позитивните случаи во претходните денови, што се одрази и врз подготовките за мечот. Затоа и велам, генерално гледано сум задоволен од одиграното, но знам дека можеме уште подобро“, истакнува Брестовац.

Гостувањето во Швајцарија е идеална можност со триумф да се направи џиновски чекор кон осигурување на едно од првите две места, кои носат и виза за ЕП 2022.

„Ова за нас е исклучително важен натпревар, би рекол и прва „меч-топка“ за пласман на ЕП 2022. Секако дека верувам во овие момци, дел од нив покажаа желба денеска, иницијатива да преземат одговорност, но очигледно беше дека паузата има влијаено врз нивната форма. Како и да е, добро ќе се подготвиме, чекаме утре да го видиме дуелот меѓу Данска и Швајцарија, да видиме со што ќе располага противникот и да поставиме тактика со која ќе се обидеме да стигнеме до посакуваниот резултат“, оптимистички е расположен македонскиот селектор.

Се вчитува...