Бриаторе ги нападна критичарите на Алонсо

Поранешниот шеф и ментор на Фернандо Алонсо во тимот на Рено, Флавио Бриаторе, застана во одбрана на двојниот светски шампион во Формула 1 од критиките дека „ги растура тимовите“ и му предлага да остане во Ф1.

Алонсо минатата недела објави дека се повлекува од Формула 1 и дека следната сезона нема да вози во шампионатот. Ваквата одлука на Шпанецот делумно се должи и на неконкурентноста на Мекларен во изминативе неколку сезони во кои Алонсо немаше доволно добар болид за да се бори за повисока позиција од петтото место.

„Јасно е решението на Фернандо – каква е смислата да се бориш за седмо или осмо место? Возачот ја губи мотивацијата во таква ситуација. Страшно е што во сегашната Формула 1 не се наоѓа место за таков талентиран возач како што е Алонсо“ – истакнува Бриаторе во интервјуто за „Газета дело спорт“.

Тој ги нападна и сите оние што го критикуваат Алонсо, посебно шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер кој неодамна имаше изјава дека Шпанецот предизвикуива хаос во секој тим.

Ако има тим што не може да се справи со возачите тоа е Ред бул. Токму затоа Даниел Рикиардо си оди од таму. Фернандо се натпреваруваше за Рено кога јас бев таму. Тој го прослави тимот, беше пример за своите тимски колеги и водич за механичарите“ – истакнува Флавио Бриаторе.

Откако Алонсо ја објави својата одлука за следната сезона, очекувањата се тој да продолжи во Инди кар, но Бриаторе смета дека опциите за Шпанецот се уште се отворени.

Да почекаме, па ќе видиме. Прво треба да ја доврши оваа сезона во Ф1. Ќе го разберам ако има потреба да одмори. Инаку, многу e рано да каже „збогум“. Во Ф1 работите се менуваат многу брзо. Никогаш не вели „никогаш“.

Се вчитува...