БРОЈКИ, ФАКТИ И СТАТИСТИКА ПРЕД ДУЕЛОТ ВО ЕРЕВАН: На сите гостински натпревари Македонија дала минимум по два гола

Македонскиот национален тим вечерва во 18 часот го игра квалификацискиот натпревар со селекцијата на Ерменија. Тоа ќе биде прв чекор на пласман кон баражот, за кој многу од работите зависат и од другите селекции, пред се од Романија за која очекуваме „кикс“ во дуелот со Исланд.

Македонскиот национален тим нема пријатна традиција со Еремнија, особено не кога гостува на оваа селекција. Има само една победа.

Постојат неколку интересни факти и бројки пред денешниот дуел, а ЕКИПА ви нуди само дел од статистиката, како и историјата од дуелите на овие две селекции.

  • Во сите натпреварувања, двете селекции се сретнале 11 пати, од кои и Ерменија и Македонија имаат по четири победи, и три средби завршиле нерешено. Гол разликата е 17:15 во корист на Ерменија
  • На домашен терен, Ерменија има само еден пораз од Македонија, и тоа во 2005 година кога нашата селекција поебди со 1:2
  • Ерменија е во добра серија како домаќин. Нема пораз на последните шест меча во сите натпреварувања. Последен пат загубила пред две години од Грција со 0:1. Во оваа серија спаѓа и победата над Македонија во Лигата на Нации со 1:0 во меч одигран на Кипар
  • На последните пет меча во квалификациите, Ерменија нема победа, и има постигнато само два гола. Ако ги сметаме и пријателските натпревари со Хрватска и Шведска, Ерменија на седум натпревари по ред не знае за победа
  • Македонија нема пораз на последните три гостувања во квалификациите, со скор од две победи и едно „реми“
  • На сите четири гостински натпревари во квалификациите, Македонија постигнувала минимум по два гола
  • На секој натпревар во квалификациите кој го игра како домаќин, Ерменија постигнува барем по еден гол
  • Македонија има во просек 1,88 гола по натпревар, додека кај Ерменија таа бројка е 1 гол по натпревар
  • Во просек, Ерменија постигнува гол на секоја 47-ма минута од натпреварите, додека Македонија на секои 36 минути
  • И двете селекции во овие квалификации не постигнале гол на три натпревари во квалификациите. Сите три натпревари за Македонија биле на домашен терен (против Ерменија, Романија и Германија). Ерменците, пак, пропуштиле да стрелаат на три гостински меча во квалификациите, а дома, како што пишавме, постигнува барем по еден гол на секој меч
  • Ерменија во ниту еден меч од квалификациите не постигнала гол во првите 30 минути од средбите
  • Стрелците на двете селекции „спијат“ во перодот од 15 до 30 минута од натпреварите. Во тој период ниту едната ниту другата селекција не успеала да постигне ниту еден гол. Затоа двете селекции се најефикасни во финишот. Ерменија од 75 до 90 минута од мечот постигнала 37.5% од головите, додека Македонија 33.3%
  • Од осумте гола кои ги има постигнато Ерменија во квалификациите, дури шест се на домашен терен
  • Македонија во квалификациите има освоено седум бода на гостински терен, или два повеќе од бодовите на домашен терен. Кај Ерменија, пак, таа бројка е спротивна – седум на домашен, и пет бода на гостински терен
  • Барсегјан со два гола е најефикасен кај Ерменија, додека Трајковски во нашата селекција има постигна три гола

Се вчитува...