Кристијано Роналдо се пофали дека стана прв фудбалер со титули во Премиер-лигата, Примера дивизион и во „Серија А“, но бројките зад неговото име се доволна потврда дека Португалецот не може да биде задоволен од својот индивидуален ефект во првата сезона мината на Апенинскиот полуостров.
Тој сезонава настапи на вкупно 43 средби за „старата дама“, севкупно во сите натпреварувања, притоа постигнувајќи само 28 погодоци. „Само“ – бидејќи такво нешто на Роналдо му се нема случено во последните десет години. Во деветте сезони минати во Реал Мадрид тој редовно постигнуваше над 30 погодоци, а најнеефикасен беше во својата дебитантска година во Шпанија, кога 33 пати ја затресе противничката мрежа. По таа сезона тој постигнуваше најмалку по 42 погодоци, а најдобро мина во 2014/15, кога постигна дури 61 гол во сите натпреварувања.
Кристијано Роналдо освои само еден пехар – оној во „Серија А“ што Јуве со леснотија го освојуваше и без негова помош со години наназад. За голем неуспех се смета елиминацијата од Ајакс во четвртфиналето од Лигата на шампионите, а „старата дама“ беше елиминирана и од Купот на Италија, каде загуби од Аталанта.
Тој ја заврши сезоната во Калчо-лигата со само 21 постигнат гол, со што беше четврти најдобар стрелец, зад Квалјарела (Сампдорија), Запата (Аталанта) и Пјонтек (Џенова и Милан).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА