Бруно Фернандеш неколку сезони наназад е единствена светла точка во тимот на Манчестер Јунајтед, но на португалскиот ас како да му здодеа да биде дел од неуспешна приказна, па сериозно размислува летово да си замине од „Олд Трафорд“.
Останува да се види дали тоа ќе биде во Саудиска Арабија, откако управата на Ал Хилал подготви неверојатна понуда за да го доведе во своите редови. Клубот од Саудиска Арабија планира да доведе една суперѕвезда пред клупскиот мундијал, а на самиот врв на листата со желби се наоѓа токму Фернандеш. Тој би заработил 65 милиони фунти само за потпис на договорот, а потоа би имал и плата од фантастични 700.000 фунти неделно, повеќе од двојно повисока заработувачка од онаа што ја има со актуелниот договор со Јунајтед.
„Црвените ѓаволи“ би заработиле над 80 милиони фунти од овој трансфер, па колку и да не сакаат да се разделат од најодбриот фудбалер, Аморим и клупските челници се подготвени да прифатат една ваква понуда за потоа да ги инвестирааат парите во нови засилувања.
Ал Хилал инсистира на експресен одговор, па Бруно Фернандеш ќе мора да се изјасни до средината од следната седмица, за доколку не сака да се пресели во Саудиска Арабија овој клуб да има доволно време да се насочи кон останатите ѕвезди на пазарот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА