Брутални бројки: Од 20 најплатени во Франција, дури 18 се фудбалери на ПСЖ

Дека ПСЖ е финансиски надмоќен во однос на ривалите во Франција е добро позната работа, но сепак шокантно делуваат последните информации од весникот „Л’Екип“, кој ги објави списоците со најплатените фудбалери во оваа земја. Така, на листата од 20 играчи со најголема плата, дури 18 се членови на „светците“, тим што можеби води во Франција, но сепак разочарува со своите изданија на теренот и новата прерана елиминација од Лигата на Шампионите.

Нејмар е најплатениот фудбалер во француското првенство со неверојатна месечна плата од четири милиони евра, па јасно е зошто сите се бесни на Бразилецот поради неговите променливи игри. Зад него е Меси со 3,3 милиони евра месечно, а ако се знае дека Мбапе заработува речиси двојно помалку од Нејмар (2,2 милиони евра по сезона), јасно е зошто Французинот долго време е бесен на управата и се наоѓа на излезна врата од „Паркот на принцовите“.

Доминацијата на „светците“ во оваа Топ 20 листа ја уриваат само двајцата членови на Монако, Висан бен Једер со 850.000 евра месечно (толку во ПСЖ зема Андер Ерера) и Цеск Фабрегас со месечна плата од 600.000 евра.

Преплатеноста е очигледна и кај тренерите, па така Маурицио Покетино во ПСЖ заработува 1,1 милиони евра секој месец, пред Жорге Сампаоли од Олимпик Марсеј со 400.000 евра месечна плата.

Се вчитува...