Бубања: Вардар е фаворит, но ќе биде „ранлив“ по она издание со Сосиедад

Шефот на стручниот штаб на Победа, Славољуб Бубања е умерен оптимист вo пресрет на неделниот дерби меч од 11. коло на Првата лига со Вардар во Прилеп.

Бубања и спортскиот директор Александар Крстески синоќа во Скопје во живо го следеа мечот на Вардар од Лига Европа со Реал Сосиедад (0-6) на кој и не видоа многу од македонскиот шампион.

„Разликата во квалитетот си го направи своето, поразот е висок и демотивирачки. Но неспорно е дека и во таквото издание имаше неколку поединци кои одиграа солидно и поседуваат квалитет. Сигурно е дека Вардар е голем фаворит на неделниот дерби натпревар. Но, ние како домаќини на овој натпревар и нашата положба на табелата не ни дозволува да размислуваме за ништо друго освен да освојуваме бодови. Ќе се обидеме да го искористиме моментот на Вардар по синоќешниот пораз од Сосиедад по кој тие сигурно се и физички но и психички истрошени и тука гледаме наша шанса евентуално да ги изненадиме. Но сепак ќе повторам Вардар несомнено е поквалитетен играчки, сигурно ќе има и ротации во нивниот состав со оглед на поширокиот ростер на играчи со кој располагаат. Нас ни останува пред своите гледачи да дадеме максимум, да одиграме најдобро што можеме во моментов, а дали тоа ќе биде доволно за освјување на бод или евентуално три ќе видиме по завршување на натпреварот“ – вели Бубања.

За дуелот со Вардар Бубања нема да може да смета на услугите на искусниот напаѓач Благоја Гешоски, кој ќе паузира поради пет жолти картони, како и на веќе подолго повредените Качар и Недановски. Неизвесен е и настапот на повредениот Ристевски.

Се вчитува...