Буџетот е во Собрание – само Владата повторно да не го заборави спортот!

Со завршувањето на оваа 2022 година ќе биде означен и крајот на ваучер-системот во овој облик каков што го знаеме, оформен и изгласан од актуелната владеачка структура. Од Владата имаше информации дека ваучер-системот ќе претрпи измени и во иднина ќе биде финансиран директно од државата, но од таа официјална информација од Министерот за финансии, Фатмир Бесими и изјавата дадена на 1 декември, нема буквално ништо конкретно на спортски план.

„Одиме со поинакво решение. Ваучер системот нема да оди преку поддршка и ослободување од даночната обврска. Ваучерите ќе се реализираат преку програма на влада, директно како поддршка од буџетот. Институцијата што ќе го реализира тоа дополнително ќе се прецизира преку законот. Остануваат донациите за спортот од страна на стопанството и даночното ослободување како и за сите други јавни услуги што ги прави стопанството. Ќе можат фирмите да го користат даночното олеснување за донациите во спортот. Оваа важна категорија за поддршка на спортот останува, но со изменет систем затоа што досегашното решение во пракса создава црн пазар“, изјави Бесими на почетокот од месецов.

Во меѓувреме, предлог-буџетот вреден рекордни 5,3 милијарди евра ги мина собраниските комисии и наскоро ќе биде изгласан на собраниска седница, но ниту Бесими, ниту пак Агенцијата за Млади и Спорт како надлежна спортска институција во Македонија не се одважи да ја објасни визијата за финансирањето на македонскиот спорт од 2023 година.

Она што загрижува е фактот дека Владата веќе еднаш, пред неколку години, тотално го заборави спортот и директно влијаеше да дојде до огромна криза меѓу федерациите, клубовите и спортистите.

Тоа беше пред воведувањето на ваучер-системот, кој најпрвин требаше да биде секундарно финансирање (според изјавите на тогашниот Директор на АМС, Дарко Каевски), но по укинувањето на дотогаш актуелниот Закон за финансирање во спортот од тогашниот Министер за Финансии, Драги Тевдовски, се создаде временски вакум и огромен проблем. Бидејќи стариот закон веќе не постоеше, а новиот не беше до крај дефиниран, минаа месеци во кои клубовите беа во беспарица, а спортистите ги чекаа платите што им следуваат.

„Тоа беше многу тешко време бидејќи никој точно не знаеше што се случува. Се знаеше дека ќе има ваучер-систем, но беше неопходно тој да почне да функционира, а првите чекори беа најтешки. Првите пари во таа година легнаа дури во месец мај или јуни, што беше огромен проблем бидејќи спортистите си ги бараа парите што ги заслужуваа, а клубовите не беа во можност да ги исплатат. На крајот се се среди кога системот конечно профункционира, но искрено се надеваме дека нема повторно да дојде до временски вакум без пари во спортот“, коментираат од неколку клубови од различни спортови на нашата сцена.

Сега ситуацијата е слична, се менува долгогодишниот систем на финансирање во спортот, а на 12 дена до крајот на оваа година, се уште нема конкретна информација за планот како суштински ќе се промени ваучер-системот.

Нема конечна одлука преку која државна институција ќе оди исплатата (откако се појавија и низа сомнежи околу распределбата на парите преку Агенцијата за Млади и Спорт), но она што во Владата мора да им биде јасно е дека одлуката мора да биде донесена што поскоро и истата да биде транспарентно објавена.

Две работи се клучни, како прво да се објави вкупната вредност што Македонија како држава во 2023 ќе ја пренасочи од својот буџет во спортот (како и дали потоа распределбата ќе тече преку бодување преку федерации, или и тоа ќе биде променето), но и како ќе тече исплатата (на колку рати и кога ќе се почне со државното субвенционирање).

Секое одолговлекување може да биде погубно и да придонесе за уште поголемо назадување на македонскиот спорт, на кој и во вакви услови не му цветаат рози, а последно нешто што му треба е дополнително минусирање и доцнење на парите што се слеваат во него.

Се вчитува...