Мојсовски и АМС на тапет: Како се трошат буџетските пари во спортот – низа неправилности

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во своето соопштени околу работата на Агенцијата за млади и спорт дал неполовно мислење за функционирањето на институцијата која треба да важи за „куќа на спортот“ во Македонија.

Во ревизијата е јасно ставено до знаење дека постои сомнеж за вистинитоста и објективноста на финансиските активности на АМС, со која раководи поранешниот ракометен репрезентативец Наумче Мојсовски. Според наведеното во извештајот, како најголем проблем се издвојува начинот на кој Агенцијата префрла пари на националните спортски федерации (НСФ).

„Агенцијата за млади и спорт не воспоставила соодветни внатрешни контроли кои треба да го обезбедат наменското и законското користење на средствата кои се трансферираат на НСФ за реализација на нивните активности. Во врска со распределбата на средства до НСФ, АМС не изградила соодветни критериуми со кои ќе се обезбеди систем на објективна, пропорционална и праведна финансиска поддршка на НСФ согласно краткорочни и долгорочни приоритетни активности, а склучените договори со НСФ не содржат одредби со кои ќе се допрецизира намената на одобрените средства. Слични слабости се констатирани и во делот на средствата кои се исплатени за поддршка на млади и талентирани спортисти “Спортска надеж” како и за распределбата на средства по издадените ваучери за спорт“, се наведува во делот од забелешките на ревизорите.

Мојсовски и соработниците од раководството на АМС исплатиле прекумерен износ на пари на раководните лица во федерациите, а вршен е и трансфер на средствата од наменските сметки на федерациите кон спортски клубови без соодветна документација за реализираниот трошок.

„Кај две НСФ исплатен е износ за плати за две лица во вкупен годишен износ од 2 милиони и 552 илјади денари, или 54%, односно 56% од вкупниот износ доделен од АМС. Кај една НСФ утврдивме повеќекратни исплати во висина од вкупно 300 илјади денари на едно лице – генерален секретар на НСФ, како и дополнителни 100 илјади денари на други четири лица, без објаснување за критериумите врз основа на што е определен износот, како и работниот ангажман кој е извршен“, стои во ревизорскиот извештај.

Со оглед на фактот дека станува збор за распределба на пари од буџетот, повеќе од јасно е дека мора да следи и соодветна реакција и од највисоката државна власт. Доколку има злоупотреба, како што се тврди во извештајот од Државниот завод за ревизија, ќе мора да следат и санкции, зошто да не и промени во Агенцијата за Млади и Спорт, која во последните години повеќе наликува само на институција за прераспределба на пари, отколку на место каде што ќе треба да се крои државната политика за развој на спортот.

Се вчитува...