Будимпешта – време е за наплата: „Вардарки“ по стари долгови – со нов предизвик!

ЕКИПА во Будимпешта,

Билјана Б.Петрушева, Игор Паневски

Нека биде четврта среќа! Така посака Јованка Радичевиќ, а посакуваат и сите други вардарки заедно со навивачите пред денешното четврто по ред полуфинале во Лигата на шампионите. Во реприза на ланското полуфинале, Вардар денеска (17.45 ч.) во „Ласло Пап Арена“ одново ќе ги вкрсти копјата со ЧСМ Букурешт и ќе се обиде да му застане на пат на бранителот на титулата во ЛШ. Минатата година, „црвено-црните“ во полуфиналето беа шокирани од романскиот тим (27-21). Екипата што лани дојде во Будимпешта како аутсајдер, на крај си замина од унгарската престолнина со шампионска титула.

Точно една година подоцна, Вардар одново е на мегдан со ЧСМ Букурешт. Во денешното ново полуфинале, вардарки имаат шанса на истиот противник да му се реваншираат за ланскиот пораз и конечно да стигнат до европско финале. Шампионската титула сега му носи фаворитска улога, но и многу поголем притисок на романскиот тим. Свесен за тоа е и тренерот Пер Јохансон, кој во пресрет на денешното полуфинале истакна што ќе го решава победникот.

„Одбрана може да ни донесе успех. Велат, со нападот се добиваат натпревари, но со одбрана се освојуваат титули. Силна цврста одбрана, секогаш носи добар резултат. Се разбира, дека имаме неколку скриени адути за овој дуел. Сигурен сум дека и Вардар има исто така. Но, тие „трикови“ се за пет минути, не за 60 минути. Не може да предвидиме однапред што ќе се случува на денешниот меч, се зависи од тоа како ќе го отвориме дуелот. Тој што има подобар страт, тој ќе биде и поблиску до финале“ – смета тренерот на ЧСМ Букурешт, Пер Јохансон.

Мотивацијата и желбата за победа е присутна и на едната и на другата страна. Она што е заедничко и за македонскиот и за романскиот тим е промената на тренерите сезонава, што пак им донесе и промени во ритамот на игра. Ни Индира Кастратовиќ, ни Ким Расмусен не се повеќе на клупата на Вардар и на ЧСМ Букурешт. Нивната улога сега ја преземаат Ирина Дибирова на едната и Пер Јоханесон на другата стѕрана. И двајцата на клупите на Вардар и на ЧСМ  Букурешт дојдоа непосредно пред завршницата во ЛШ и ќе се обидат да ја искористат шансата во нивните први тренерски искуства на Ф4.

rakometarki vo Budimpesta

Македонскиот шампион е единствен од сите четири екипи учесници на годинашниот Ф4 во ЛШ, што настапил на сите четири досегани изданија на завршниот турнир, но ниеднаш досега во трите претходни настапи не стигнал до финале. За разлика од Ѓер, Будуќност и ЧСМ Букурешт, кои ја освојуваа шампионската титула во ЛШ по тој редослед во последните три години, вардарки се единствени без овој престижен трофеј.

„Ова е квалитетна и искусна екипа, играчи кои имаат шампионска титула и играчи кои последниве три години се редовни учесници на Ф4. Од тој аспект ние сме поискусни од другите екипи што годинава играат во завршницата на ЛШ.  Но, треба да одиграме дисциплинирано и паметно и со искуството што го имаме, мислам дека може да го постигнеме посакуваниот резултат во полуфиналето и да стигнеме до финалето. Знаеме кој е ЧСМ Букурешт. Не смееме да се опуштиме туку максимално клонцентрирани да влеземе во овој дуел. Мислам дека нашите играчи се доволно свесни и доволно мотивирани за она што не очекува во овие два дена и дека ќе одиграат во најдобро издание. Вардар го може тоа. Не чувстуваме притисок дека мораме, туку ние сакаме да го направиме тоа, да го поминеме ова полуфинале и да докажеме дека ланското полуфинале била само една моментална слабост на Вардар. Да докажеме дека Вардар е еден од најдобрите во Европа и може да стигне до врвот“ – најави Аце Станковски, помошникот на Ирина Дибирова на клупата на Вардар.

Денешното полуфинале во „Ласло Пап Арена“ ќе го водат руските судијки Викторија Алпаидзе и Татјана Березкина кои остануваат да ја делат првадата во дуелот меѓу Вардар и ЧСМ Букурешт и покрај барањето на Вардар, Русинките да бидат иззменеи од ова полуфинале.

Се вчитува...