Будуќност тргна со пораз во Евролигата, Фенер и Олимпијакос убедливи

Будуќност ќе се мачи во Евролигата сезонава откако шампионот на АБА одигра под врвното европско ниво на отворањето на елитното натпреварување, губејќи заслужено на домашен терен од Милано со 71-82. Џикиќ го стартуваше мечот со целосно променет тим (со исклучок на Гордиќ) во однос на оној што ја освои АБА-лигата, невоиграноста беше очигледна, гостите од Италија уште во првата четвртина стигнаа до „плус 15“, предност што потоа знаеја како да ја задржат до самиот крај.

Српските кошаркари беа предводници на Милано, Мицов постигна 15, а Недовиќ 14 поени за победничкиот тим, а најдобар стрелец кај Будуќност беше Кларк со 22 поени.

Фенербахче лесно и убедливо славеше пред своите гледачи над Гран Канарија со 25 поени разлика (97-72). Јан Весели беше импресивен со 19 поени и 11 скокови, Калиниќ постигна 16, а Ловерњ и Датоме по 12 поени за тимот на Жељко Обрадовиќ.

Со одлична игра изненади Олимпијакос, кој како гостин го декласираше Химки со 66-87. Швед постигна повеќе од половина од поените за Химки, вкупно 34, но и тоа беше премалку за да се избегне дебаклот. Олимпијакос работата ја заврши во втората и во четвртата четвртина, периоди што ги доби со идентични 12-24.

Резултати Евролига, 1. коло:

Будуќност – Милано 71-82, Химки – Олимпијакос 66-87, Жалгирис – Басконија 79-87, Фенербахче – Гран Канарија 97-72, ЦСКА – Барселона 95-75, Панатинаикос – Макаби 89-84, Баерн М. – Анадолу Ефес 71-90, Реал Мадрид – Дарушафака 109-93.

Се вчитува...