Буфон: Бевме брутално ефикасни против Милан

Јувентус го совлада Милан со 3-1 во дербито на колото во Серија А и побегна на четири бода предност во однос на второпласираниот Наполи. Тоа може да биде и решавачкиот чекор за одбраната на „скудетото“.

Капитенот Џанлуиџи Буфон е задоволен од триумфот и истакнува дека низ мечот беше отсликан вистинскиот карактер на тимот.

„Бевме брутално ефикасни. Го чекавме моментот за да зададеме удар и тоа го правевме навистина одлично. Поведовме на почетокот, па иако Милан успеа да израмни, останавме мирни и чекавме шанса за повторно да ги раниме. За среќа, успеавме да триумфираме. Мора да се признае дека Милан стоеше одлично на теренот, тие имаат навистина квалитетни играчи во средниот ред. За нас е сепак најважно што ги освоивме трите бода и сега ќе се фокусираме на првиот четвртфинален меч против Реал Мадрид во Лигата на шампионите“, изјави Џанлуиџи Буфон по синоќешниот дуел со „росонерите“.

Се вчитува...