Долгогодишниот чувар на мрежата на Јувентус, Џанлуиџи Буфон во првата нокаут фаза од Лигата на шампионите ќе се соочи со Тотенхем и најдобриот напаѓач за 2017 година, Хари Кејн. Голманот на „старата дама“ го смести Кејн меѓу најдобрите голгетери во светот, вели дека е калибар со Роналдо (стариот), Батистута, Пипо Инзаги, Кристијано Роналдо, играчи со кои во неколку наврати се соочувал во текот на неговата кариера.
„Во својата кариера секогаш сум сакал да се тестирам со најдобрите напаѓачи во светот, а Хари Кејн несомнено е најдобриот моментално. Тој има вроден голгетерски инстинкт, а тоа е нешто што не можеш да го научиш колку и да се трудиш. Низ годините сум се соочил со неколку врвни фудбалери со таков талент, Роналдо, Батистута, Инзаги, Кристијано Роналдо, играчи кои знаат да направат многу проблеми на било кој голман. Токму тоа го има и Кејн, неверојатно е со каква леснотија постигнува голови“, вели Буфон.
Но, легендарниот Џиџи како да заборави на една фудбалска ѕвезда, можеби и најголемата, Лео Меси. Аргентинецот можеби немаше среќа во првите четири меѓусебни средби, но му одржа лекција со два прекрасни погодоци во победата на Барса од 3-0 над Јувентус на почетокот од оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА