Буфон: Најголема грешка во кариерата ми е што си заминав од ПСЖ

Џанлуиџи Буфон се ближи кон крајот на неверојатната кариера во која искусниот голман стана светски шампион со Италија, освои бројни трофеи со Јувентус, а како единствена неисполнета желба му остана пехарот во Лигата на Шампионите.

Буфон по долги години минати во дресот на Јуве во 2018 година реши да се пресели во ПСЖ, но оттаму си замина по само една година, враќајќи се назад во таборот на „старата дама“. Голманската легенда во интервју за италијанските медиуми откри дека тоа е одлуката во кариерата за која најмногу жали, обелоденувајќи ги и причините за заминувањето од „Паркот на принцовите“.

„Никогаш повеќе во животот нема да го видам нивото на фудбал како во ПСЖ. Бевме уверени дека ќе го кренеме пехарот во ЛШ, бевме многу силни, имавме мега-екипа. И тогаш дојде дуелот со Манчестер, тие допатуваа во Париз со деца. Тука беа Де Хеа, Лукаку и Рашфорд, но останатите беа многу млади… и ние ментално потфрливме, не одигравме како што знаевме и бевме казнети. Потоа решив да си заминам и најмногу од се жалам поради таа одлука. Луѓето од ПСЖ беа коректни, а јас бев среќен во Париз. Ми пријдоа по тој пораз во март и ми рекоа: Џиџи, задоволни сме со тебе, но треба да знаеш дека во следната година Ареола ќе добива предност во Лигата на Шампионите, ти нема да бидеш стартер. Јас бев бесен и разочаран, како може уште во март да ми кажете дека нема да бранам во ЛШ, без да знаете во каква форма ќе бидам тогаш. Тоа не е спорт, и затоа решив да си заминам“, изјави Буфон.

Тој загуби 10 милиони евра поради одлуката предвреме да си замине од „Паркот на принцовите“ во разликата во плата што ја имаше во Јувентус по новиот потпис со „старата дама“, каде остана од 2019 до 2021 година, пред да се врати назад во Парма, клубот каде ја почна својата професионална кариера.

Се вчитува...