Катарина Булатовиќ повторно ќе го облече дресот на Ѓер откако црногорската репрезентативка денеска потпиша едногодишен договор со актуелниот првак на Европа. За Булатовиќ овој трансфер е враќање во Ѓер, клубот со кој во 2014 година ја освои и титулата во Лигата на шампионките.
По Ѓер таа се пресели во Будуќност, од каде замина за Ростов, за по истекот на договорот со рускиот првак одличната ракометарка да се реши за нова преселба во Унгарија.
„Не размислував многу дали да прифатам бидејќи сите знаат дека Ѓер е најдобриот клуб во светот на женскиот ракомет. Имав успешна сезона таму, освоив се што можеше да се освои и сега сакам да го повторам истото“ – изјави Булатовиќ по потписот на договорот со унгарскиот ракометен гигант.
Катарина Булатовиќ во кариерата има освоено четири титули во Лигата на шампионките, и тоа со Шлагелсе во 2007, со Будуќност во 2012 и во 2015 и со Ѓер во 2014 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА