Бундес-лигата може да продолжи, но само под специјални услови

Натпреварувањето во Бундес-лигата може да продолжи од 9 мај, објавија едногласно клубовите од првата и втората германска лига, испраќајќи порака до владата во својата земја што поскоро да даде конечен датум кога ќе може да се почне со натпревари. Се уште владее сомнеж дека властите ќе дозволат фудбал да има од 9 мај, пореални се прогнозите тоа да се случи на 16 или 23 мај, но во секој случај радува подготвеноста на клубовите за камбек на терените.

„Ние сме подготвени. Ако ни соопштат дека можеме да продолжиме, би играле уште од 9 мај. Тоа сепак нема да биде наша одлука, туку на Владата на Германија“, изјави претседателот на Здружението на прволигаши, Кристијан Зеиферт.

Сосема очекувано, сезоната би продолжила под специјални услови. На стадионите би имало места за максимум 322 лица (фудбалери, тренери, лекари, деца за собирање на топки, како и целокупната ТВ-екипа за реализација на преносите), додека сите фудбалери и членови на стручните штабови ќе мора да се тестираат двапати неделно од ковид-19.

„Викенд со фудбал е многу поподнослив отколку викенд без фудбал. Затоа, мислам дека би можеле да следиме натпревари на ТВ, натпревари што би се играле без публика на стадионите“, изјави баварскиот премиер Маркус Содер за весникот „Билд“.

На девет кола до крајот на сезоната, Баерн Минхен е лидер на табелата со 54 бода, пред Борусија Дортмунд со 51, Лајпциг со 50 и Борусија Менхенгладбах со 27 бода на своето салдо.

Се вчитува...