Бунт во Јунајтед, шест играчи бараат трансфер и бегаат од Мурињо

Жозе Мурињо се соочува со се поголеми проблеми да го извлече Манчестер јунајтед од резултатска криза и да го врати тимот во битката за највисок пласман откако беше обелоденето дека шестмина фудбалери на „црвените ѓаволи“ веќе ставиле до знаење кај управата дека сакаат да бидат продадени доколку Португалецот во најскоро време не си замине од „Олд трафорд“.

Добро позната е војната што Мурињо ја води со Пол Погба веќе подолго време, која кулминираше во последните денови и прионесе Французинот уште повеќе да притисне за јануарски трансфер, во Јувентус или во Барселона. Сепак, проблем за „специјалниот“ е што францускиот ас не е единствениот во војната со него, туку ја има поддршката од уште пет фудбалери кои му откажуваат послушност.

Антони Марсијал е првиот на оваа листа, а крилниот офанзивец има и значаен адут во ракавот, договорот му истекува на крајот од сезонава, па веќе во јануари ќе може да договори каде ќе ја продолжи својата кариера како слободен играч. Ерик Баи е уште еден незадоволен играч, откако во финишот од ланската сезона го загуби првотимскиот статус, а сега поголемиот дел од времето го минува греејќи ја клупата. Бразилецот Переира исто така е незадоволен од премалата минутажа што ја добива и најавил дека ќе си замине ако тоа не се промени, а недоразбирањата со Мурињо ги нема преболено ниту Лук Шо, кој сезонава игра стандардно, но останува на ставот дека „специјалниот“ градејќи авторитет на него во претходните две сезони.

Во друштвото на незадоволни е и најголемиот англиски талент Маркус Рашфорд, кој упорно е форсиран на крилната позиција во нападот, додека Лукаку е единствен избор за централен напаѓач, позиција што му е омилена на Рашфорд.

Мурињо ќе мора да почне час поскоро да ги решава проблемите, тоа најдобро би го сторил со победничка серија, па затоа клучно за стратегот на Јунајтед е веќе од утрешниот дуел со Вест хем да влезе во триумфален ритам, во спротивно повторно ќе се интензивираат шпекулациите за негово заминување од „Олд трафорд“.

Се вчитува...