Бунт во ПСЖ: Шест фудбалери го кренаа гласот против Килијан Мбапе

Одлуката на Килијан Мбапе јавно да обелодени дека нема намера да потпише нов договор со ПСЖ ги налути не само челниците, туку и самите фудбалери на францускиот првак, кои отворено негодуваат против најдобриот стрелец на „светците“. Весникот „Л’Екип“ обелодени дека шестмина фудбалери го кренале гласот против Мбапе, пишувајќи писмо до претседателот Ал Келаифи во кое се бара да се најде начин за клубот уште летово да се раздели од францускиот репрезентативец.

Имињата на фудбалерите не се обелоденуваат во јавноста, но се потенцира дека двајца од нив се играчи кои летово пристигнуваат на „Паркот на принцовите“, но немаат намера да ја делат соблекувалната со Мбапе.

„Односот на Килијан Мбапе е навреда за сите во клубот, од управата до самите фудбалери кои се дел од екипата. Неговото останување не може да ни помогне да победуваме, туку само ќе ја влоши атмосферата“, се вели во дел од писмото потпишано од шестмината фудбалери на ПСЖ.

Ал Келаифи бара начин да го продаде Французинот, но проблем претставува што Реал не брза со понудата, ниту пак „кралевите“ сакаат да платат 200 милиони евра за Мбапе. Од друга страна, ако голгетерот остане во ПСЖ до крајот на месецов, клубот според договорот потпишан лани е должен да му плати огромни 60 милиони евра на име „бонус на лојалност“.

Се вчитува...