Бура во Србија пред ЕВРО 2024: Пикси бара гаранција од еден милион евра

Изминатата седмица беше објавено дека Фудбалскиот Сојуз на Србија и официјално потпишал договор со Драган Стојковиќ – Пикси, според кој актуелниот селектор ќе продолжи да ја извршува својата функција се до 2026 година.

Последните информации од нашиот северен сосед сепак говорат нешто поинаку, односно дека Пикси во последен момент се премислил од потпишување на договорот инсистирајќи вметнување на нова клаузула во истиот. Имено, српскиот кормилар стравува дека во случај на неуспех на претстојниот европски шампионат и елиминација на Србија во групната фаза тој може да биде сменет. Токму поради ова, Пикси бара гаранција од еден милион евра како отштета доколку такво нешто се случи.

Челниците на федерацијата не ни помислуваат да го прифатат овој услов, напротив, тие би сакале да имаат слобода да извршат селекторска смена во случај на фијаско во Германија, па останува да се види разврската во преговорите.

За потсетување, Драган Стојковиќ – Пикси ја водеше Србија на СП во Катар, каде нашиот северен сосед беше елиминиран во групната фаза. Србија е дел од групата Ц на ЕВРО 2024, каде за ривали ќе ги има селекциите на Англија, Данска и Словенија.

Се вчитува...