Бускетс потпиша нов договор, клаузулата му скокна на 500 милиони евра

Серхио Бускетс ја игра својата единаесетта сезона во дресот на Барселона, а лесно може да се случи шпанскиот ас да остане на „Камп ноу“ и до крајот на својата кариера откако денеска потпиша нов петгодишен договор со овој клуб.

Каталонците во периодот на криза во Примера, каде освоија еден бод во претходните две кола, се пофалија со новиот договор со одличниот играч за врска, кој ќе остане дел од овој клуб до јуни 2023 година. Со овој договор, клаузулата за раскин на Бускетс од 200 милиони скокна на 500 милиони евра.

„Интелигенција, баланс, визија за играта… Серхио има безброј позитивни карактеристики, тој секогаш прави се со неверојатна едноставност“ – го пофали Барса својот ас во информацијата за потписот на новиот договор.

Серхио Бускетс е втор капитен на Барселона, тој досега има одиграно 490 средби за каталонскиот гигант, постигнувајќи 13 погодоци и освојувајќи дури 28 трофеи, седум од нив во Примера дивизион.

 

 

Се вчитува...