Бутел го освои Кавадарци и ја осигура третата позиција во суперлигата

Ракометарите на Бутел славеа на гостувањето кај Тиквеш со 27-28 во 8. коло од плеј-оф фазата во ракометната Суперлига на Македонија и со тоа и математички го осигураа третото место.

Домаќините подобро го отворија натпреварот. Имаа водство во текот на целото прво полувреме, а на пауза заминаа со предност од 14-13. Во вториот дел исто така ја одржуваа предноста се до последните десет минути кога скопскиот тим се разигра.

Бутел првпат поведе во 51. минута со 23-24 и до крајот успеаја да ја задржат предноста за триумф кој значи и освојување на третото место на првенствената табела веднаш зад Вардар и Еурофарм Пелистер.

Мирко Мајиќ со осум гола беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените ист број голови постигна Страхиња Симиќ.

Се вчитува...