Бутел по историја против Алпла Хард

Ракометниот суперлигаш на Македонија Бутел вечерва на домашен терен ќе ја пречека австриската Алпла Хард во реванш натпреварот од двомечот во 2. квалификациско коло во второто по ранг европско натпреварување, Лигата на Европа.

Бутелчани за задача имаат да ја анулираат негативата од пет гола (21-26) по првиот натпревар одигран пред седум дена во Австрија. Голманот на клубот од скопската населба, Бојан Блажески вели дека реваншот во Скопје ќе биде од големо значење на неговиот клуб и историска шанса која мора да се искористи.

„Натпреварот е од големо значење за нас како клуб и како поединци. Ова е историска шанса за која ќе дадеме максимално од нас да ја искористиме. Алпла Хард е одлична екипа со добра ротација и постојано гледаат да го казнат противникот со брза игра без разлика на резултатот. Имаат цврста одбрана која тешко ја пробивавме во првиот натпревар. Рецептот за триумф е цврста одбрана, технички грешки да се сведат на минимален број и добра реализација. На првиот натпревар одигравме квалитетна одбрана, но ни фалеше дисциплина во нападот и реализација во клучните моменти. Сега ќе имаме поголем ростер на располагање и подобра свежина во играта. Ние сме мотивирани и ќе дадеме максимум за да приредиме одлична партија и резултат. Негативата не е мала, но исто така не е недостижна“, вели Блажески.

Натпреварот кој ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски„ во Скопје е закажан за 18.45 часот.

Се вчитува...