Бутел се враќа со „минус пет“ од Австрија

Бутел претрпе пораз од 26-21 на првиот меч против Алпла, во квалификациите за Лигата на Европа на ЕХФ. Македонскиот тим се надеваше на подобар резултат во пресрет на гостувањето во Скопје, но Алпла го диктираше темпото и резултатот цел меч, па „бутелци“ ги очекува тешка задача на вториот дуел, во обид да ги надополнат овие „минус пет“ на домашен терен.

Бутел го имаше првото и единствено водство на мечот откако на самиот старт поведе со 0-1 со погодокот на Николов. Алпла набрзина го сврте резултатот во своја полза, поведувајќи со 6-3. Австрискиот претставник умешно ја одржуваше предноста, додека Бутел имаше сериозни проблеми во нападот, на одмор заминувајќи со само осум постигнати погодоци и три гола негатива 11-8. Вториот дел почна со два брзи гола на македонскиот претставник преку Николов и Мајиќ, но приближувањето до 11-10 беше се што „бутелци“ успеаја да сторат на овој натпревар.

Домашните ракометари возвратија со два гола во мрежата на Бутел, а потоа во 40. минута Алпла за првпат во натпреварот стигна и до четири гола позитива (18-14). Грешките и промашувањата кај македонскиот суперлигаш зачестија, Австријците поведоа и со 19-14, пред нивната мини-серија со погодок за момент да ја запре Мартин Манасков. Алпла поведе и со најубедливи шест погодоци (21-15), но Бутел успеа да влезе во ритам и намали на 24-20. Грчевски зеде тајмаут, а веднаш потоа Стефан Крстевски беше прецизен и намали на 24-21, но македонскиот тим потоа прими два гола во финишот и го заврши овој дуел со „минус пет“ (26-21).

Мајиќ со пет и Николов со четири гола беа најефикасни во таборот на Бутел, додека Манасков реализираше три погодоци од четири обиди кон противничкиот гол.

Реваншот меѓу Бутел и Алпла е закажан за седум дена во Скопје, меч на кој македонскиот клуб ќе се соочи со тешка задача да ја надмине големата негатива и да се пласира во групната фаза од Лигата на Европа на ЕХФ.

Се вчитува...